Бинарноста како слепа точка:плуралистичката теорија за родот и транс перспективата како меѓусебно ограничување на есенцијализмот и конструктивизмот

May 2, 2026

Текстот се темели на елаборатот за изработка на магистерски труд Плуралистичка теорија за родот: транс перспектива“ на Филип Ицовски

Апстракт

Овој труд тргнува од една наизглед скромна теза: дека плуралистичката теорија за родот, како што е развиена во делото на Сурија Монро (Monro, 2005, 2007) и поставена во поширокиот теоретски разговор од страна на Бернис Хаусман (Hausman, 2001), не е помирување меѓу есенцијализмот и конструктивизмот, ниту едноставна нивна надградба. Таа е, поскоро, името на нивното меѓусебно ограничување — ограничување кое станува видливо токму од транс перспектива. Аргументот се развива низ четири чекори. Прво, се покажува дека есенцијалистичката рамка, дури и во нејзините методолошки најкоректни верзии, претпоставува бинарност како природен факт. Второ, се покажува дека конструктивистичката рамка, наспроти својата критичка моќ, истата таа бинарност ја репродуцира како поле врз кое се изведува секоја перформативна субверзија. Трето, се аргументира дека транс не е „случај” што теоријата треба да го смести во една од двете рамки, туку епистемолошка позиција од која бинарноста на двете рамки се покажува како нивна заедничка слепа точка. Четврто, се излагаат импликациите на оваа рамка за регулативните режими на признавање во контекст на Република Македонија.

Клучни зборови: род, плуралистичка теорија, трансродова теорија, есенцијализам, конструктивизам, бинарност, перформативност, родов спектар.

1. Поставување на тезата

Кога Бернис Хаусман (Hausman, 2001) ја објави својата критика на „новата трансродова теорија” во прегледната статија во Feminist Studies, таа го направи она што во наредните две децении ќе остане структурно повторливо: ги изложи феминистичката и квир рамката како недоволни за да се мислат искуствата на трансродовите и трансполовите лица, без при тоа да понуди трета. Според Хаусман, и феминистичкиот и квир-теоретскиот пристап се потпираат на претпоставка дека родот е првенствено епистемолошка категорија — начин на кој културата произведува знаење за идентитети — а не онтолошка состојба. Кога таа епистемолошка рамка се применува на трансродови искуства, продолжува Хаусман, се случува нешто тенденциозно: квир теоријата, наспроти својата субверзивна реторика, сè уште може да го промовира родово стереотипизирање, бидејќи го прифаќа полето на родовите категории како дадено и ги пародира во рамките на тоа поле.

Нагоши и Брузи (Nagoshi & Brzuzy, 2010), седум години подоцна во истото списание полето, го направија следниот чекор. Тие ја именуваа трансродовата теорија како посебна теоретска ориентација и ја определија со три карактеристики: телесност (embodiment), општествена конструктивност (social construction) и доживеано искуство на интерсектирани идентитети (intersecting identities). Меѓутоа, нивниот потег, иако пресуден за институционалното воведување на трансродовата теорија како одделно поле, остана во голема мера терминолошки. Тврдењето дека трансродовата теорија „интегрира” три димензии не објаснува зошто претходните рамки не успеале да ги интегрираат, ниту што е тоа што едната рамка го има, а другата го нема. Со други зборови, Нагоши и Брузи имплицитно претпоставуваат дека есенцијализмот и конструктивизмот се „делумни” ввистини, што треба да бидат комплементирани со трета — но не образложуваат каква структурна слабост на двете претходни рамки бара точно овој вид комплементирање.

Овој труд тврди дека одговорот лежи на едно ниво подлабоко од она на кое се води разговорот. Не се работи за тоа дека есенцијализмот и конструктивизмот се делумни вистини за родот. Се работи за тоа дека двете рамки делат една заедничка структурна претпоставка — бинарноста како поле на означување — и дека тие ја делат токму поради тоа што се конципирани како меѓусебни негации. Есенцијализмот тврди дека постои природна разлика маж/жена; конструктивизмот тврди дека таа разлика е изградена. Двете тврдења го третираат „маж/жена” како единственото поле во кое прашањето за родот воопшто може да биде поставено. Ниту едно од нив не е во состојба да го мисли родот надвор од таа двојка — затоа што нивната спротивставеност самата живее во неа.

Транс перспективата, така како што е развиена кај Сузан Стрикер (Stryker, 2008) и оперативно поставена кај Сурија Монро (Monro, 2005, 2007), не е „трета позиција” меѓу есенцијализмот и конструктивизмот, ниту нивна синтеза. Таа е позиција од која се гледа дека двете претходни се една позиција — дека нивниот спор се одвива во рамките на иста рамка. Од таа позиција — позиција на лица што се „оддалечуваат од родот што им бил доделен при раѓањето, лица што ги преминуваат границите конструирани од нивната култура за да го дефинираат и содржат родот” (Stryker, 2008) — бинарноста престанува да биде природна или конструирана; таа постанува видлива како институционална, како режим на читање, а не како опис на стварноста.

Тезата може да биде формулирана концизно: плуралистичката теорија за родот не е решение на дебатата меѓу есенцијализмот и конструктивизмот, туку име за нивното меѓусебно ограничување кога истото се чита од транс перспектива. Идните пет секции ја разработуваат оваа теза. Втората секција го испитува есенцијалистичкиот апарат и покажува зошто емпириската литература (особено хипотезата на родовата сличност на Хајд) не е негов вистински опонент. Третата секција го испитува конструктивистичкиот апарат на Батлер и покажува дека неговата субверзивна моќ работи внатре во истото поле. Четвртата секција ја развива главната теза: транс како епистемолошка позиција. Петтата секција ја смeстува плуралистичката теорија на Монро во оваа реконструирана рамка. Шестата секција ги артикулира импликациите за регулативниот контекст на Република Северна Македонија.

Една терминолошка забелешка. Во овој труд намерно ги задржувам терминолошките дистинкции што се појавуваат во клучната литература — „транс родов”, „трансполов”, „интерсекс”, „небинарен”, „родово флуиден” — наместо да ги обединувам под единствен покровителен термин. Овие дистинкции имаат теоретска тежина: тие не означуваат идентични искуства, и нивното обединување во еден термин (на пример „ЛГБТИ” или „квир”) неретко резултира во теоретски изместувања што Хеис (2003) ги анализира опширно. Истовремено, треба да се признае дека самата терминологија е во движење — на македонски јазик, како и на повеќе други јазици, точните преводи се сè уште во формирање. Во таа смисла, овој труд работи со работни преводи, со полна свест дека тие ќе бидат преобликувани во наредните години низ практиката и низ дополнителните преведувачки и теоретски одлуки.

2. Есенцијализмот и неговата непризнаена бинарност

Есенцијализмот најчесто се прикажува како теза за биолошки или метафизички фиксни својства што ги дефинираат категориите. Оваа дефиниција, иако точна, ја изместува дискусијата кон полето на природните науки и го остава непрашано она што е најкарактеристично за родовиот есенцијализам: тој никогаш не тврди постоење на низа родови есенции. Тој секогаш тврди постоење на точно две, со специфична внатрешна структура — внатрешна структура на комплементарност, на дополнителност, на „едното се определува со другото”.

Ан Филипс (Phillips, 2010) убедливо аргументира дека есенцијализмот не е секогаш биологизам. Многу од она што се критикува како есенцијалистичко, тврди таа, е всушност политичко, социјално или историско. Кога се вели „жените се грижливи”, „Африканците имаат ритам”, „Азијците се ориентирани кон заедницата”, се прави есенцијализирачки гест што не апелира на биологија туку на групна суштина. Филипс точно посочува дека ова „сè” во таквите тврдења најчесто е имплицирано наместо експлицитно наведено, и дека дури и оние теоретичари што најцврсто се држат до ваквиот став прават исклучоци од правилото. Сепак, во случајот на родот, оваа социјално-политичка есенцијализирачка операција има специфичност што Филипс самата не ја акцентира доволно: таа не произведува многу родови есенции (по аналогија со многуте национални или класни „карактери”), туку точно две, и нивните карактеристики се конципирани не како паралелни групни својства, туку како комплементарни.

Ова е важно. Кога се тврди дека „мажите се агресивни”, тоа никогаш не е тврдење што може да се мисли изолирано — тоа е секогаш тврдење што имплицира „жените не се агресивни” или „жените се помалку агресивни”. Грижливоста на жената е суштина во контраст со агресивноста на мажот. Оваа структурна комплементарност е она што ја одвојува родовата есенцијализација од другите видови групна есенцијализација. „Африканците имаат ритам” не имплицира некоја споредбена комплементарна суштина на „не-Африканците”; „жените се грижливи” имплицира комплементарна суштина на мажите како некој вид негенуено почетно состојание. Бинарноста, така, не е резултат на есенцијализмот; таа е негова услов на можност, неговa грaматикa.

Емпириската литература ова го покажува со неочекувана јасност. Џенет Шибли Хајд (Hyde, 2005), во прегледот на 46 мета-анализи на родовите разлики во психолошките варијабли, утврдува дека во 78% од испитуваните карактеристики разликата меѓу машките и женските просеци е мала или незначителна. Хипотезата на родовата сличност (the gender similarities hypothesis), како што Хајд го нарекува својот заклучок, тврди дека мажите и жените се сличните на повеќето психолошки варијабли, иако не на сите. Овој наод го изведува есенцијалистичкиот говор за „природните разлики” од емпириски потпрен потпис на „24% од варијаблите”, со важно дополнување: и таа пропорција, кога ќе се испита поблиску, се покажува зависна од контекстот. Разликите варираат значително по возраст и по контекст на мерење. Со други зборови, она што есенцијалистичката теза го третира како природна појава, емпириски се покажува како нешто што се појавува во конкретни ситуации и што исчезнува во други. Хајд е особено остра кон она што таа го нарекува „пренагласените тврдења” за родовите разлики, кои според неа имаат значителни цени во работни простори, во образованието и во лични релации.

Сепак, ова не е само емпириска поправка на есенцијалистичкото тврдење. Тоа е поентата на која сакам да посочам: дури и во строго методолошки прецизното опровргнување на есенцијализмот, прашањето е секогаш формулирано како „се ли мажите и жените различни на варијабла X”. Самата структура на прашањето претпоставува две групи и една променлива на која тие се споредуваат. Хајд работи во рамките на оваа парадигма — нејзината „хипотеза на родовата сличност” е сличност меѓу две групи. Метa-анализата не може да ја испита „разликата меѓу интерсекс и не-интерсекс лица” со истата парадигматска леснотија, затоа што оваа категоризација не е воспоставена како истражувачко поле во психологијата. Бинарноста, така, не живее само во есенцијалистичките тврдења; таа живее во самиот метјазик во кој тие тврдења се изрекуваат и се испитуваат, во самиот апарат на мерење, во самата дизајн-логика на квантитативните студии.

Ова го зацврстува аргументот: есенцијализмот не е едноставно теза која може да биде „премината” со подобри докази. Тој е граматика — рамка на читливоста на самото прашање за родот. Во неа, можеме да мериме дали мажите и жените се различни (заклучокот: главно, не); можеме да тврдиме дека разликите кои постојат се социјално произведени (конструктивистички потег); можеме да тврдиме дека самите категории „маж” и „жена” се продукт на хетеронормативна институционална рамка (потег на Батлер). Но не можеме лесно да го испитаме самото поле во кое овие испитувања се одвиваат. И токму затоа транс перспективата не е емпириско оспорување на есенцијалистичката теза, туку нешто темелно поинакво — таа е промена на полето на читливоста.

Историски преглед ова го осветлува. Феминистичкиот есенцијализам во неговите класични верзии (од втората бран на феминизмот, особено во делата на радикалните феминистки во 1970-тите) ја мобилизираше оваа структурна комплементарност во ослободителен правец: ако „жената” има суштина, таа суштина може да биде валоризирана политички, против патријархалното обезвреднување. Спротивниот гест — гестот на пост-структуралистичките антиесенцијалистки како Дајана Фус (Fuss, 1989) — ја разоткрива оваа стратешка мобилизација како политички корисна но теоретски нестабилна. Сепак, и Фус, и оние кои продолжуваат во нејзината линија, остануваат во полето во кое се поставува прашањето: „има ли есенција жената?” е прашање што претпоставува „жената” како веќе изградена категорија.

Филипс (Phillips, 2010) опишува уште една верзија на есенцијализам, која е особено важна за разработката тука. Тоа е она што таа го нарекува „нормативен есенцијализам” — есенцијализам што не апелира на природа или биологија, туку на дефинирачки критериуми за припадност. Нормативниот есенцијализам тврди: лезбијка не може да се дефинира како лезбијка ако сексуално општи и со мажи; ако индивидуа што ѝ припаѓа на работничката класа оди на опера, тогаш таа повеќе не е дел од работничката класа; припадник на исламската верска заедница не може да се нарече муслиман ако толерира неверници. Овој есенцијализам, тврди Филипс, е чисто социјален и историски — нема апел на природа — но сепак функционира на ист начин: тој произведува ригиден критериум за припадност, и пре-категоризира секоја „девијантна” единка. Нормативниот есенцијализам ја покажува со целосна јасност структурната специфичност на родовиот есенцијализам: бинарноста не е природна тврдина, таа е институционална одбрана од внатрешните контрадикции на категоријата.

Овој увид има директна врска со трансродовите искуства. Класичниот есенцијалистички феминизам — особено во оние варијанти што ги исклучуваат трансжените од категоријата „жена” — функционира токму како нормативен есенцијализам во смислата на Филипс. Тој не апелира на биологија (или, кога апелира, тоа е секундарно); тој апелира на дефинирачки критериуми за припадност. „Не си жена” не е емпириско тврдење за тело; тоа е институционално тврдење за припадност во категоријата. Транс перспективата го покажува тоа со посебна остроумност — затоа што транс лицата се токму оние чие самоидентификување го предизвикува институционалниот критериум, без да го предизвикува нужно она што Филипс би го нарекла „природната” есенција.

3. Конструктивизмот и неговото поле на изведба

Конструктивистичката рамка, чиј најмоќен израз во родовата теорија е делото на Џудит Батлер, прави нешто што на прв поглед изгледа како радикален разрез со есенцијализмот. Во Gender Trouble (Butler, 1990) и потоа во Bodies that Matter (Butler, 1993), Батлер тврди дека родот не е израз на претходно дадена природа, туку перформативна реалност — состојба што се одржува низ повторувани, ритуализирани изведби. Полот, истo, не е природна основа врз која се гради родот; самата претпоставка за „природен пол” е, кај Батлер, дискурзивен ефект на хетеронормативниот апарат. Хетеросексуалната матрица, како што Батлер ја нарекува, ги произведува и „полот” и „родот” како кохерентни ефекти на регулиран систем на повторувања.

Овој потег е моќен. Тој ги разоткрива како исконски конструкции токму оние работи што есенцијализмот ги третира како природни. И тој има политички ефект: ако родот е перформативен, ако нема „вистински” род зад изведбата, тогаш можноста за субверзивна изведба — за изведби што го разоткриваат конструираниот карактер на нормата — е секогаш отворена. Во тоа е извор на влијанието на Батлер на квир теоријата и на политичките практики на 1990-тите и 2000-тите.

Сепак, токму овде се отвора структурната тешкотија на која Хаусман прецизно посочува. Хаусман (Hausman, 2001) аргументира дека квир теоријата, кога се применува на трансродови лица, и понатаму може да го промовира родово-на улоги втемелено стереотипизирање — затоа што и во самиот свој субверзивен потег, таа ги прифаќа родовите категории како поле во кое субверзијата се одвива. Хаусман го формулира ова со зачудувачка прецизност: иако квир теоријата може да прифаќа женствени мажи и машки жени, како и плурализам на родови идентитети, таа сè уште се гради врз претпоставката за машко-наспроти-женска дуалност. Перформативноста, како структура, бара поле на норми што се повторуваат и што можат да бидат пародирани, цитирани, преобликувани. Тоа поле, кај Батлер, е токму бинарната родова матрица.

Кога Батлер го толкува драгот како субверзивна изведба — еден од централните и најчесто цитираните пасажи од Gender Trouble — она што драгот го субвертира е претпоставката дека родовиот израз е природен израз на полот. Драгот, тврди Батлер, ја разоткрива имитативната структура на родот: тоа што изгледа како природен израз е, всушност, копија без оригинал, изведба со повеќе слоеви. Но при тоа, треба да се забележи, „маж” и „жена” остануваат категориите што се вкрстуваат, се пародираат, се преобликуваат. Драгот е драг затоа што постои некаков нормативен очекуван родов израз од кој тој се отстапува. Без бинарната матрица — без „мажи што изведуваат како жени” и „жени што изведуваат како мажи” — самиот концепт на драг ја губи својата теоретска специфичност.

Бауке Принс (Prins, 1995), во нејзината интерпретација на Дона Харавеј, го артикулира истиот проблем од друга страна. Конструктивизмот, тврди Принс, погрешно претпоставува дека губењето на кохерентноста на родовиот идентитет ќе значи и губење на политичкото дејство — додека всушност е возможно „да се дисперзира кохерентноста на родот без губење на моќта на дејствувањето”. Овде се гледа дека и Принс, како и Хаусман, го дијагностицира конструктивизмот не како погрешен, туку како недоволно радикален. Конструктивизмот ја разоткрива природноста на родот, но при тоа го оставa полето на маж/жена како единственото поле во кое родовото изведување се регистрира како читливо.

Самата Батлер, во Bodies that Matter (Butler, 1993), е свесна за оваа критика и се обидува да ѝ одговори. Таа предлага она што го нарекува „двојно движење”: најпрво да се именува категоријата (на пр. „жена”), па оттука привремено да се воспостави идентитет, додека истовремено категоријата се отвора како простор за траен политички натпревар. Ова е суптилен потег и не треба да биде потценет. Но тој потег самиот живее во логиката за која зборувам тука: категоријата што се именува („жена”) и што се остава отворена за политички натпревар — тоа е едната половина од бинарната двојка. Тоа не е грешка на Батлер, ниту слабост на нејзината теорија. Тоа е структурна позиција на конструктивизмот, која станува видлива само кога ќе се напушти неговото поле.

Тука е важно да се избегне можно недоразбирање. Не тврдам дека Батлер „мисли само на жени” или дека ги исклучува трансродовите искуства. Напротив, во подоцнежни текстови — особено во Undoing Gender (Butler, 2004), кој не е во централната рамка на овој труд но е важен — Батлер експлицитно се занимава со транс лица, со интерсекс прашања, со прашањето за признавање на родовиот идентитет. Тврдам, поскоро, дека самата концептуална структура на перформативноста — поим што е централен за нејзината теорија и кој, со право, го прави нејзиното влијание толку широко — претпоставува поле на повторливи норми што се одвива во рамките на хетеросексуалната матрица. Тоа поле може да биде преобликувано, дестабилизирано, пародирано — но тоа е она што се преобликува, дестабилизира и пародира. Транс перспективата не го дава тоа. Транс перспективата зборува од позиција во која самото поле не е дадено како почетна точка.

Од оваа дијагноза следи нешто што во првиот момент изгледа парадоксално: есенцијализмот и конструктивизмот, наспроти својата спротивставеност, делат структурна претпоставка. И двете теории третираат „маж” и „жена” како единствените две категории во кои родот воопшто може да биде мислен. Есенцијализмот ги третира како природни; конструктивизмот ги третира како конструкции — но и во едниот и во другиот случај, токму овие две категории го дефинираат полето. Лица што не се вклопуваат во ова поле — интерсекс лица, небинарни лица, родово флуидни лица, лица што живеат во „трет пол” во оние култури каде што таа категорија постои — се мислат како исклучок, „случај”, „рабна појава”, „провокативно отстапување”. Никогаш како точка за тест на самата теорија.

Парадоксот не е парадокс кога ќе се види неговата структура. Двете теории се конципирани како меѓусебни негации, и токму поради тоа делат поле. Тие се борат за иста територија, и тоа е територијата на читливост на родот низ двете категории. Тие можат да се борат само затоа што се борат во истото поле. Спротивставеноста меѓу нив не ги прави отворени за нешто надвор од него; напротив, таа спротивставеност е токму она што ги затвора во него.

4. Транс како епистемолошка позиција, не како тематско поле

Во овој дел тезата се развива до својот централен исход. Тврдам дека транс перспективата, така како што е артикулирана кај Сузан Стрикер и оперативно поставена кај Сурија Монро, не е тематско поле во рамките на родовата теорија (тема: „транс лица”), туку епистемолошка позиција — точка на гледишта од која претходните теории се читаат на нов начин.

Стрикер (Stryker, 2008) ја дефинира трансродовоста како „движење преку општествено наметната граница, далеку од почетното место за родова идентификација — наместо некоја конкретна родово-идентитетска дестинација или начин на транзиција кон родов идентитет”. Оваа дефиниција има карактеристика што заслужува внимателно читање: таа не ја дефинира трансродовоста преку дестинацијата (преминот од маж кон жена или обратно), туку преку движењето преку граница. Што значи тоа за теоретскиот статус на категоријата?

Тоа значи дека „транс” не означува определена родова позиција, ниту определена телесна состојба, ниту определена интервенција. Тоа означува состојба во која родовата идентификација е, како што Стрикер вели, движење — нешто што не седи во една точка, нешто чија природа е токму преминувањето. Од оваа точка на гледишта, прашањето кое се поставува за есенцијалистичката и конструктивистичката рамка не е „зошто овие теории ги исклучуваат транс лицата” — што би било емпириско прашање за инклузија — туку „каква е структурата на полето во кое тие теории го мислат родот?”.

Дефиницијата на Стрикер заслужува уште дополнително читање. Една од нејзините клучни импликации е дека терминот „транс” обединува широк дијапазон искуства што во конвенционалната класификација би биле строго одделени: од трансполови лица што минуваат низ медицинска транзиција со јасна крајна цел во другата бинарна категорија, до драг изведувачи, до родово флуидни лица што не се идентификуваат со никаква одредена категорија, до интерсекс лица што не се вклопуваат во бинарната медицинска класификација. Стрикер не тврди дека сите овие искуства се идентични — таа прецизно го документира внатрешниот дијалог и понекогаш судир меѓу различните позиции внатре во транс полето. Но таа тврди дека тие сите се обединети со една структурна карактеристика: движењето преку или против општествено наметнатите родови граници.

Оваа дефинициска широчина има теоретска цена и вредност. Цената е дека таа го опфаќа премногу — некои критичари (од радикални феминистки до некои квир теоретичари) тврдат дека вака отворената дефиниција го разредува терминот до бесмисла. Вредноста е дека таа го рефлектира фактот дека границите што транс лицата ги преминуваат не се еднозначно дефинирани во самиот општествен живот. Различни култури, различни институции, различни историски моменти ги повлекуваат границите различно — и тоа што во еден контекст е премин (од машка кон женска родова улога), во друг контекст можеби е продолжување (на постоечка трета категорија). Дефиницијата на Стрикер ова го прифаќа како теоретски факт, а не како дефект на терминологијата.

Одговорот е тој што го најавив на крајот од претходниот дел: тоа поле е бинарно, и неговата бинарност не е заклучок туку претпоставка. Транс перспективата ова го прави видливо затоа што нејзините субјекти се луѓе чие постоење ја нарушува самата дефиниција на полето. Не е работата во тоа дека постои некоја „трета родова категорија” што теоријата треба да ја додаде; работата е во тоа што постоењето на лица што живеат во движење преку родовата граница — лица што се ниту едното, ниту другото, или и едното и другото, или последователно различни — го прави видливо она што во есенцијализмот и конструктивизмот беше невидлива претпоставка.

Хаусман (Hausman, 2001) ова го изразува со фраза која е попрецизна отколку што изгледа на прв поглед: родот, тврди таа, е „епистемологија” за разбирање на работењето на културата во дефинирањето на идентитетите. Не онтологија на „што е родот”, туку епистемологија на „како родот функционира како начин на спознавање”. Транс перспективата, во овој клуч, не нуди „поправен” опис на родот; таа нуди нова епистемолошка точка на влез во самото прашање. Од таа точка, есенцијализмот и конструктивизмот не се противречни теории за иста појава, туку две варијанти на иста бинарна епистемологија.

Овој потег има конкретни последици за начинот на кој се чита и Батлер. Кога Батлер пишува за „двојното движење” — именување на категоријата па отворање за политички натпревар — таа всушност ја описува сопствената теоретска позиција од внатре во полето на бинарноста. Категоријата што се именува („жена”) и што останува отворена за политички натпревар — тоа е едната половина од бинарната двојка. Транс перспективата не побарува Батлер да го напушти полето; таа покажува дека полето во кое Батлер работи е едно поле меѓу другите можни.

Уште една импликација заслужува да биде експлицирана. Ако транс е епистемолошка позиција, а не тематско поле, тоа значи дека лицата што се идентификуваат како транс не се „предмет” на трансродовата теорија туку нејзин субјект на знаење. Тие не се „случаи” што чекаат да бидат теоретизирани; тие се позиции од кои се теоретизира. Ова е поентата на која Нагоши и Брузи (Nagoshi & Brzuzy, 2010) посочуваат кога ја определуваат трансродовата теорија како „интегрирање” на трите димензии (телесност, конструктивност, доживеано искуство). Доживеаното искуство, во таа схема, не е една од трите паралелни димензии, туку е она што ги поврзува другите две — точката од која се гледа како телесното и конструктивното работат заедно. Без таа точка, телесното и конструктивното остануваат во меѓусебен судир (есенцијализам наспроти конструктивизам); со неа, тие се покажуваат како поле во кое родовиот идентитет се формира низ движење.

Криси Хеис (Heyes, 2003), во нејзината важна студија „Феминистичка солидарност по квир теоријата: случајот на трансродот”, го развива овој увид во политички правец. Хеис се прашува како — во теорија и во практика — феминизмот треба да ангажира бисексуалност, интерсексуалност, трансексуалност, трансрод и други идентитети што ги преобликуваат конвенционалните и феминистичките разбирања на полот, родот и сексуалноста. Нејзиниот одговор не е инклузија: не е „да се додадат трансродови во веќе постоечката феминистичка коалиција”. Нејзиниот одговор е реконституирање на самата феминистичка солидарност преку препознавањето на различноста како нејзин темелен принцип, а не како комплементарен. Тоа е ист потег како оној што го предлагам тука: транс не е додаток, туку е точка од која се преобликува самото поле.

Хеис е особено остра во нејзиното документирање на внатрешните тензии меѓу трансродовите и трансполовите заедници — тензии што не се од еднозначен карактер. Хаусман (Hausman, 2001) и Хеис (Heyes, 2003) обете опишуваат како дел од трансродовиот активизам и теоретско поле, во настојувањето да ја дестабилизира бинарноста, го минимизира или дури негира она што многу трансполови лица го сметаат за дефинирачка карактеристика на нивното искуство: правото да се идентификуваат како мажи или жени. Од другата страна, дел од трансполовиот активизам ги критикувал трансродовите лица како „летачи” кои одбиваат да се вгнездат врз стабилен идентитет, или како „дилетанти и рекреационисти во играта на родот” (Heyes, 2003).

Овие внатрешни тензии не се случајни и тие не се отстапки од некој идеален модел. Тие се структурно неизбежни во рамките на бинарноста како поле — затоа што во тоа поле, трансполовоста (преминот од една до другата категорија) и трансродовоста (живеењето во движење преку категориските граници) се мислат како меѓусебно конкурентни решенија на ист проблем, наместо како различни одговори на различни прашања. Плуралистичката теорија, прочитана од епистемолошка позиција на „транс како поле”, не разрешува овие тензии — тие не се теоретски проблеми што чекаат да бидат решени — но ги преместува: тие престануваат да бидат прашање на „која позиција е автентично транс”, и стануваат прашање на „какви различни животни траектории живеат лица што се движат преку родовите граници, и какви различни форми на признавање им треба”.

5. Плуралистичката теорија како име за меѓусебното ограничување

Плуралистичката теорија, во формулацијата што Сурија Монро ја разработи во Gender Politics (Monro, 2005) и потоа продолжи во „Transmuting Gender Binaries” (Monro, 2007), не е едноставен повик за „препознавање на повеќе родови”. Тоа е, поскоро, теза дека родот треба да се мисли како поле, како спектар или поле на пресечени континуитети, наместо како систем на дискретни категории. Овој потег е суштинскиот придонес на Монро во теоретското поле, и заслужува да биде анализиран со грижа.

Структурата на овој потег не смее да се изостави. Кога Монро тврди дека постоењето на „трет простор” — а не „трет пол” — овозможува артикулација на различни родови идентитети без зацврстување во јасни категории (Monro, 2005), таа не врши едноставно умножување на категории. Тоа умножување (од два на три, или на четири, или на пет) сè уште би живеело во истата онтологија на дискретни категории. Дискретните категории, без оглед на нивниот број, делат истата основна структура: разграниченост, исклучителност, читливост низ припадност.

Со ова треба да се направи едно важно појаснување кое самата историја на полето го налага. Ан Фаусто-Стерлинг, во познатиот есеј „The Five Sexes” (Fausto-Sterling, 1993), објавен во The Sciences, предложи модел според кој биолошката реалност на полот не може да биде сведена на два пола: освен машки и женски, постојат уште најмалку три категории, кои таа полу-духовито ги нарекува „хермс” (вистински хермафродити, лица со едно тестикуло и еден овариум), „мермс” (машки псевдохермафродити, со тестикули и некои аспекти на женски гениталии но без овариуми) и „фермс” (женски псевдохермафродити). Овој модел беше намерно провокативен — Фаусто-Стерлинг подоцна открива дека пишувала „со јазик длабоко во образот” — но беше истовремено и сериозна интервенција во медицинскиот апарат на детерминација на полот.

Тука мора да се внесе важна нијанса, која честопати се пропушта во рецепцијата на Фаусто-Стерлинг. Во „The Five Sexes, Revisited” (Fausto-Sterling, 2000), објавен седум години подоцна во истото списание, таа го повлекува моделот за пет полови како одржлив. Прифаќа дел од критиката на Сузан Кеслер (Kessler, 1998), која во Lessons from the Intersexed покажа дека и моделот за пет полови сè уште им припишува примарно означувачко место на гениталиите — и дека родот, во секојдневното функционирање, се определува без пристап до генитално испитување, низ изведба, низ облека, низ социјална презентација. Поентата на Фаусто-Стерлинг во подоцнежниот период не е „има пет полови”, туку „биолошката реалност на полот не е сводлива на бинарноста, и нашите класификации тоа го пропуштаат”.

Ова повлекување е значајно затоа што го илустрира токму она што го тврдам тука. Преминувањето од два на пет полови, ако се мисли како таксономска поправка, останува во истата онтологија на дискретни категории. Сè уште се прашува „во која категорија спаѓа дадено лице”. Сè уште се претпоставува дека лицето може да биде ставено во категорија. Преминувањето кон родот како поле, спектар, поле на пресечени континуитети — тоа е она што го прави плуралистичкиот потег. Монро (Monro, 2007) ова го артикулира како „пермутација” на родовите бинарности, не како нивно множење. Гранулацијата е пофина: родот се формира низ интеракција на различни карактеристики — телесни, искуствени, дискурзивни, општествени — кои не се сводливи на две (или на пет) дискретни класи.

Овде станува јасно зошто плуралистичката теорија не е „трета теорија”, туку нешто друго. Таа е името на она што се случува кога есенцијализмот и конструктивизмот се прочитаат од позиција од која нивната заедничка бинарност е видлива. Есенцијализмот тврди „природа произведува два рода”; конструктивизмот тврди „култура конструира два рода”; плуралистичката теорија вели „двата рода се режим на читање, а не неутрален опис — тие живеат во полето во кое и есенцијалистичкото и конструктивистичкото тврдење можат воопшто да бидат поставени”.

Ова е местото на кое Нагоши и Брузи (Nagoshi & Brzuzy, 2010) ја задаваат комплементарноста меѓу плуралистичката теорија и трансродовата теорија. Нагоши и Брузи го дефинираат теоретскиот придонес на трансродовата теорија како интегрирање на телесноста и општествено-конструктивните аспекти на идентитетот низ живите искуства на оние чии идентитети се вкрстуваат. Ова е, всушност, плуралистичкиот потег, формулиран од епистемолошка точка на лицата чие постоење го прави видливо ограничувањето на двете претходни рамки. Плуралистичката теорија и трансродовата теорија се, со други зборови, истиот потег — едниот пат гледан од страна на теоријата на родот, другиот пат гледан од страна на епистемолошката позиција од која таа теорија се преобликува.

Сурија Монро, во последното поглавје на Gender Politics, ја развива оваа теза до политичкото нејзино проширување. Таа предлага она што го нарекува „плуралистички просветлен етички универзализам”. Овој термин може да изгледа парадоксален — како плурализмот да коегзистира со универзализмот? — но Монро прецизно покажува дека тука нема контрадикција. Универзализмот за кој зборува таа не е универзализам на содржина (одредена концепција за родот валидна за сите култури), туку универзализам на процедура: норми на универзална почит и егалитарен реципроцитет, кои не пропишуваат како треба да изгледа родот туку како треба да се преговараат различните начини на кои тој изгледа во различни конкретни ситуации. Ова е модел чии импликации сè уште не се целосно искусени во теоретското поле.

Дистинкцијата меѓу „трет простор” и „трет пол”, што Монро ја воведе и што заслужува дополнителна разработка, е централна за плуралистичкиот пристап. „Трет пол” е таксономска категорија — додавање на едно ново ребро во дискретна табела. „Трет простор” е, наспроти тоа, артикулациски простор: место од кое се произведува родов идентитет без зацврстување во определена категорија. Овие два модели имаат различни импликации: првиот ја шири, но не ја преобликува таксономијата; вториот ја преобликува самата структура на полето. Кога Монро испитува искуства на лица од Индија (особено хиџрите) и од Обединетото Кралство, таа покажува дека многу од тие искуства не функционираат како „трет пол” во таксономска смисла, туку како флуидни позиции што се преговараат низ време, контекст и социјална релација. Да се мислат како „трет пол” значи да се замразат во категориска точка; да се мислат како „трет простор” значи да се мислат низ нивната динамика на формирање.

Ова повлекува уште една импликација. Кога во некои комплексни историски и културни контексти — Индија со хиџрите, некои домородни северноамерикански култури со тоа што во антрополошката литература се нарекува two-spirit луѓе, некои јужноафрикански контексти, некои јапонски форми на родово изведување во периодот Едо — се препознава „трет род”, тоа препознавање лесно може да биде западно-културно проектирано во таксономска смисла. Монро (2005) предупредува на токму овој ризик: западната родова теорија има тенденција да ги чита овие позиции како „доказ дека родот е плуралистички”, и така да ги претвори во инструменти за сопственото теоретско оправдување. Плуралистичкиот пристап, ако е сериозен, мора да ги чита овие позиции на нивните сопствени термини — а тоа значи: не како „трет пол” по аналогија со машко/женско, туку како различни форми на родово изведување што имаат свои локални структури, свои историски формирања и свои општествени релации.

Во овој клуч, критиката на Кеслер (Kessler, 1998) на моделот за пет полови на Фаусто-Стерлинг заслужува дополнителна разработка. Кеслер тврди дека моделот за пет полови сè уште им припишува примарно означувачко место на гениталиите — тој ја прифаќа гениталната структура како клуч за родовата класификација, само што го шири бројот на класи од два на пет. Но во секојдневниот општествен живот, тврди Кеслер, родовите припишувања се прават без пристап до генитално испитување. Тие се прават низ облека, низ глас, низ движења, низ име, низ начин на обраќање. Она што има примат во секојдневниот живот, заклучува Кеслер, е родот што се изведува, без оглед на конфигурацијата на телото под облеката. Овој увид е суштинскиот за плуралистичкиот пристап: тој покажува дека таксономската поправка (од два на пет) сè уште не го напушта моделот во кој телото е централен означувачки терен. Преминот кон родот како поле бара токму напуштање на овој модел.

Заслужува да се направи уште една забелешка. Има ризик плуралистичката теорија да се чита како некој вид „мек конструктивизам” — како да тврди дека родот е чиста изведба, чисто социјална артикулација, без телесна или материјална основа. Тоа не е плуралистичкиот потег. Плуралистичката теорија, особено во формулацијата на Нагоши и Брузи (2010), ја интегрира телесноста како составна димензија на родот. Но интегрирањето на телесноста не значи враќање на есенцијализмот. Во плуралистичката рамка, телесноста не е носител на родова есенција, туку една од димензиите низ кои родот се формира — заедно со конструктивните и со искуствените димензии. Телото има значење, но тоа значење не е еднозначно дешифрирано од некаква природна структура; тоа е значење што се формира во меѓусебниот однос меѓу телесните, дискурсивните и искуствените димензии.

6. Импликации за регулативниот контекст на Република Македонија

Тезата изложена досега има конкретни импликации за начинот на кој се мислат регулативните рамки во Република Македонија — особено во делот на статусното, кривичното и здравственото право, како и во полето на образовните политики. Овие импликации не следат од плуралистичката теорија како морален или политички повик; тие следат од нејзината епистемолошка структура. Како таква, нивната артикулација во овој труд е намерно теоретска, а не нормативна — поентата не е да се пропише какви конкретни закони треба да се донесат, туку да се покаже дека плуралистичката теорија отвора простор за прашања што во рамките на бинарната епистемологија не можат да се поставаат без епистемолошка тензија.

Прво, статусното право. Македонското право, како и многу други национални системи, во практиката функционира врз бинарна претпоставка за пол при упис во матичните книги, при издавање лични документи, при правно признавање на родителството и при наследство. Кога теоретската рамка покажува дека бинарноста не е природна категорија туку режим на читање, се отвора прашање за тоа на кој начин може правниот систем да биде преобликуван за да биде во состојба да признае идентитети што не се вклопуваат во таа двојка. Ова не е теоретско прашање исклучиво: Стрикер (Stryker, 2008) и Монро (Monro, 2005) опширно документираат како институционалното инсистирање на бинарни регистри произведува конкретни форми на исклучување — невозможност на пристап до здравствена нега, до семејно признавање, до основни граѓански права. Во македонскиот контекст, прашањето на правно признавање на родовиот идентитет е сè уште правно нерешено, и плуралистичката теорија нуди концептуален апарат за дискусија што не се сведува на „инклузија на трета категорија”, туку на преобликување на самиот регистар.

Второ, кривичното право. Делата причинети од омраза кон лица што се идентификуваат поразлично од хетеронормативната бинарна категоризација често се концептуализираат како „напади против ЛГБТ заедница” — формулација која неусогласено ги меша хомосексуалноста и трансродовоста како идентични облици на „девијација од нормалното”. Хаусман (Hausman, 2001) и Хеис (Heyes, 2003) систематски аргументираат дека ваквото мешање не е само терминолошки проблем; тоа произведува практични последици во начинот на кој правниот систем препознава или не препознава одредени видови насилство. Транс лицата се изложени на специфични форми на насилство (поврзани со јавно изразување на родот, со транзиција, со признавањето на идентитетот) што не се идентични со насилството поврзано со сексуална ориентација. Кривичното законодавство што не ја прави оваа дистинкција — или ја прави на ниво на чиста формална реторика без оперативни последици — фактички ги остава транс лицата без специфична правна заштита, дури и кога нивната заштита е реторички вклучена во „ЛГБТ” категоријата.

Трето, здравствената заштита. Тука се отвора подлабока тема, која ги поврзува плуралистичката теорија со биоетичките дебати. Регулативите за здравствена нега во многу национални системи, вклучувајќи го и македонскиот, се изградени врз претпоставка дека „пол” е јасна и дискретна променлива — со практични последици во делот на репродуктивната медицина, на хормонската терапија, на хируршките интервенции, на психолошката поддршка. Од плуралистичка перспектива, прашањето не е „како да се додадат услуги за транс лица” (што е модел на надополнување, паралелен на моделот „додадете трета категорија”), туку „како да се преобликуваат самите регулативни рамки за да можат да се обработуваат состојби што не се сводливи на бинарната класификација”. Ова барање не може да биде задоволено со „додаток” затоа што самата рамка во која здравствените услуги се мислат е бинарна — од терминологијата за дозните режими, до претпоставките за репродуктивните цели на терапијата, до начинот на кој се организираат болничките простори.

Четврто, образовниот систем. Воведувањето на овие теоретски сознанија во наставните програми по социјални науки и хуманистички дисциплини не е исклучиво „вклучување нова содржина”, туку преобликување на епистемолошкиот апарат низ кој се мисли социјалниот свет. Тоа е голем потег, и со полна свест дека во македонскиот контекст постојат значајни општествени и политички отпори. Сепак, токму поради тоа е важно теоретскиот апарат да биде изложен со целосна академска прецизност — за да биде во состојба да издржи отпори што доаѓаат како од политичкиот разговор, така и од внатрешните напнатости во самите феминистички и квир заедници, на што Хеис (2003) темелно посочува. Без таква прецизност, секоја интервенција во образованието лесно се сведува на прашање на „за или против”, што е токму политичкото поле во кое плуралистичката теорија нема ефективна стратегија.

Овие импликации, треба да се нагласи, не се пропишувачки. Тие не велат „македонскиот закон треба да биде преобликуван точно на овој начин”. Тие велат: „плуралистичката теорија отвора простор за прашања што претходните рамки ги затвораат”. Како тие прашања ќе бидат конкретно артикулирани во македонските институционални услови — тоа е работа што ја надминува рамката на овој теоретски труд и бара специфични правни, социолошки и политички истражувања. Но фактот дека тие прашања можат да бидат поставаат — без епистемолошка тензија, без потреба од „надополнување” на постоечки рамки — е директна последица на теоретскиот потег развиен тука.

Заслужува да се додаде и една размислувачка нота за регионалниот контекст. Република Македонија и поширок Балканот се специфичен теоретски простор: тоа е простор во кој постмодерните и пост-социјалистичките трансформации од крајот на 20-от век, заедно со специфичните локални историски формирања на родовиот режим, произвеле сложени и често конфликтни регулативни рамки. Од една страна, формалните усогласувања со европските правни стандарди отвораат простор за признавање на родовиот идентитет; од друга страна, традиционалистичките конзервативни говори, силно мобилизирани во последните децении, го предизвикуваат самиот факт на разговор. Плуралистичката теорија тука нема единствен политички пат пред себе — нејзиното изложување не е автоматски ни „прогресивно” ни „конзервативно”, туку е, поскоро, проширување на просторот во кој одредени прашања можат да бидат разговарани без да бидат однапред затворени во една од двете преддадени политички табори. Тоа е скромна функција, но не е тривијална: во контекст во кој политичкиот разговор често се сведува на „ние или нив”, самата можност на трет регистар на разговор е значајна вредност.

Дополнителен слој се појавува кога се мисли за позицијата на трансродовата теорија како дел од универзитетските и истражувачките програми во регионот. Институционализацијата на родовите студии во Република Македонија — особено преку Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ — нуди инфраструктура во која транс перспективата може да биде вградена не како „гостински предмет” туку како составна теоретска ориентација. Тоа значи: курсевите по родова теорија, феминистичка теорија, квир теорија, треба да го третираат транс перспективата не како „посебна тема” во една одделна недела на семестарот, туку како епистемолошка позиција од која тие самите курсеви се преобликуваат. Ова е суптилен но значаен потег, со последици за начинот на кој студентите ги усвојуваат концептуалните алатки на полето.

Тука се отвара уште едно поле на разговор: односот меѓу академската теорија и активистичката практика. Транс активизмот во земјите од регионот — од Македонија до Србија до Хрватска — функционира во контекст во кој академската родова теорија и непосредната политичка работа за признавање на родовиот идентитет не секогаш се во еден ист тек. Понекогаш академската теорија е премногу далеку од конкретните животни прашања што активизмот ги поставува; понекогаш активизмот пак го поедноставува теоретскиот апарат до точка во која тој ја губи својата критичка моќ. Плуралистичката рамка, ако правилно се развие, нуди мост меѓу овие две позиции — не во смисла на „применетата теорија”, туку во смисла на споделено поле на читливост. Активистичките артикулации за признавање на родовиот идентитет, кога ќе се читаат низ плуралистичката рамка, не се „пресликани” концептуални предлози; тие се самостојни прашања што бараат специфична теоретска обработка, а плуралистичката рамка нуди јазик во кој таквата обработка е возможна.

7. Заклучок

Аргументот што го развив овде може да биде сумиран во една формулација: плуралистичката теорија за родот не е третиот член во низата „есенцијализам — конструктивизам — плурализам”, туку името на она што се случува кога претходните две теории се читаат од епистемолошка точка во која нивната заедничка бинарност станува видлива. Транс перспективата не е тематско поле во рамките на родовата теорија, ниту е „случај” што бара специфична теоретска обработка; таа е позицијата на читање од која е возможно бинарноста да биде препознаена како режим, а не како природа или конструкција.

Ова реконструирање има неколку последици за идните истражувања. Прва, ги ослободува плуралистичката и трансродовата теорија од обврската да се претставуваат како „инклузивни додатоци” на постоечките рамки. Тие не се ниту поправки на есенцијализмот, ниту проширувања на конструктивизмот; тие го преобликуваат самото поле на прашањето. Втора, ги поставува материјалните, телесните и доживеаните аспекти на родот не како „емпириски факти што теоријата треба да ги објасни”, туку како епистемолошки извори низ кои самата теорија добива својата позиција. Трета, во контекст на земји како Република Северна Македонија — каде што правните и институционалните рамки сè уште работат во рамките на цврста бинарна категоризација — отвора простор за теоретски потпрена интервенција што не е само политичка, туку и епистемолошки доследна.

Што останува отворено? Многу нешта, и тоа е во природата на овој вид теоретско делување. Како плуралистичката рамка може да биде оперативно преведена во правни механизми што не се повторно зацврстуваат во нови бинарности? Како да се избегне ризикот од инструментализирање на трансродовата перспектива како нова форма на есенцијализам — „сега кој е автентично транс?”. Како локалните македонски и поширок балкански контексти, со нивните специфични истории на родова регулација, му даваат форма на универзалистичкиот говор на трансродовата теорија — и обратно? Овие прашања не можат да бидат решени во еден труд. Но нивниот статус се менува: тие повеќе не се прашања за „инклузија на нов феномен” во постоечка рамка, туку прашања за тоа како самата рамка се преобликува низ нив.

Во крајна анализа, овој труд е залог за еден специфичен теоретски пристап: пристап кој ги чита класичните родови теории не како меѓусебни конкуренти, туку како меѓусебно ограничувања — позиции што меѓусебно се определуваат, и што самата свoja спротивставеност ја мобилизираат како услов за нивното заедничко поле на читливост. Транс перспективата, во овој пристап, не е случај низ кој теоријата се проверува — таа е позиција од која теоријата се препозна како поле, а не како опис. Тоа е скромна, но недвосмислена теза. Нејзиното развивање — во специфични правни, политички, биоетички и образовни контексти — е работата што следи.

Една последна забелешка. Аргументот развиен тука не е насочен против Батлер, против Хаусман или против Нагоши и Брузи; тие се соговорници, не цели на критика. Поентата е, поскоро, дека нивните меѓусебни релации можат да се читаат на нов начин кога се постават во рамка во која транс перспективата не е последен момент туку епистемолошка точка на влез. Од таа точка, Gender Trouble на Батлер не престанува да биде моќно дело — туку се чита не како „последен збор” за конструктивизмот, туку како моќен момент во една постојана преобликувачка работа. Истото важи и за Монро, за Стрикер, за Хеис, за Фаусто-Стерлинг. Тие не се „тука” затоа што имаат точните одговори; тие се тука затоа што нивните прашања, заедно прочитани, отвораат поле во кое родот може да се мисли и надвор од матрицата што до неодамна изгледаше неминовна.

Библиографија

Butler, J. (1990). Gender Trouble: Feminism and the Subversion of Identity. New York: Routledge.

Butler, J. (1993). Bodies That Matter: On the Discursive Limits of “Sex”. New York: Routledge.

Butler, J. (2004). Undoing Gender. New York: Routledge.

Fausto-Sterling, A. (1993). The five sexes: Why male and female are not enough. The Sciences, 33(2), 20–24.

Fausto-Sterling, A. (2000). The five sexes, revisited. The Sciences, 40(4), 18–23.

Fuss, D. (1989). Essentially Speaking: Feminism, Nature and Difference. New York: Routledge.

Hausman, B. L. (2001). Recent transgender theory. Feminist Studies, 27(2), 465–490. https://doi.org/10.2307/3178770

Heyes, C. J. (2003). Feminist solidarity after queer theory: The case of transgender. Signs: Journal of Women in Culture and Society, 28(4), 1093–1120.

Hyde, J. S. (2005). The gender similarities hypothesis. American Psychologist, 60(6), 581–592. https://doi.org/10.1037/0003-066X.60.6.581

Kessler, S. J. (1998). Lessons from the Intersexed. New Brunswick, NJ: Rutgers University Press.

Monro, S. (2005). Gender Politics: Citizenship, Activism and Sexual Diversity. London: Pluto Press.

Monro, S. (2007). Transmuting gender binaries: The theoretical challenge. Sociological Research Online, 12(1).

Nagoshi, J. L., & Brzuzy, S. (2010). Transgender theory: Embodying research and practice. Affilia: Journal of Women and Social Work, 25(4), 431–443. https://doi.org/10.1177/0886109910384068

Phillips, A. (2010). What’s wrong with essentialism? Distinktion: Scandinavian Journal of Social Theory, 11(1), 47–60.

Prins, B. (1995). The ethics of hybrid subjects: Feminist constructivism according to Donna Haraway. Science, Technology & Human Values, 20(3), 352–367.

Stryker, S. (2008). Transgender History. Berkeley, CA: Seal Press.