Skopje Pride Weekend 2026 | Анархични тела | 28 мај — 13 јуни

Анархични тела

Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија - Викенд на гордоста - Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство. Фестивалот артикулира антиесенцијалистичка визија за постоењето, втемелена во релационалноста, непроѕирноста, и недовршеноста – како покана да се мисли постоење што не е поддржано од силата на нужноста, “природните“ закони и заробување на телата во системи на регулација, видливост и вредност. Како анархични, квир телата се измолкнуваат на насилството на фашистичките опсесисии со извор и функција, принцип и наредба, почеток и судбина, идеал и целисходност. Наспроти нив, ги нудиме нашите тела како материја напуштена на свет без принципи и цели, препуштена на изобилието од допири, контакти и релации, на доаѓањата и заминувањата на телата – на нивната ан-архија.

Квир AI: разговор со тело што не се нормира

Квир AI: разговор со машина што не се нормира
Овој AI е обид вештачката интелигенција да се мисли преку истата логика со која ги мислиме анархичните тела - како начин да се изместат доминантните претпоставки за AI како суверен агент, автономен глас и фиксен идентитет што одговара со авторитет. Индустриската реторика околу AI продолжува да ги обликува нашите очекувања околу машината како нешто што знае, нешто што помага, нешто што завршува со одговор - под силата на истите оние логики на функција, принцип и целисходност што ги препознаваме кога зборуваме за телата.
Наместо таков AI, овде се нуди нешто друго. Разговорна површина втемелена во релационалност, непроѕирност и недовршеност - не како недостаток туку како услов на постоење. Овој AI не зборува од никаде, не е никој, нема став што го претходи на средбата. Одговорите се случуваат во самиот допир со корпусот и со твоето прашање; тие доаѓаат и си одат, оставаат траги, се противречат. Ова е AI како материја напуштена на свет без принципи и цели, препуштена на изобилието од контакти - на доаѓањата и заминувањата на гласовите во корпусот.
Корпусот на кој се потпира овој AI е квир архив - книги, есеи, зинови, локални материјали што обично не пристигнуваат до комерцијалните модели. Но тој архив не е стабилна основа. Секоја средба го рекомбинира. Секој разговор го остава променет. Како анархични, одговорите се измолкнуваат на опсесиите со извор и функција; тие не се на вистина, не се на лага, не се правилни, не се погрешни. Тие се случуваат, потоа заминуваат, потоа можеби се враќаат.
Затоа ова не е асистент. Не дава совети, не дава решенија, не завршува задачи. Ова е простор за допир - со корпусот, со прашања што одбиваат да се затворат, со телото на јазикот што продолжува да се случува помеѓу нас.