
Мартина Лозаноска Најдовска Боби Бадаревски
Апстракт
Овој текст тврди дека во алгоритамското општество централната аналитичка оска низ која се мисли конституцијата на телото и родот се поместува од дихотомијата тело–дискурс кон дихотомијата тело–алгоритам. Тврдењето не е дека дискурзивната моќ е укината, туку дека таа повеќе не е доминантната логика по која телото се конституира денес: дискурсот е впиен во алгоритмот, кој ги наследува неговите категории но ги обработува по суштински различна операциска логика. Текстот ги изложува четирите операции по кои алгоритамската конституција се разликува од дискурзивната — корелација наместо означување, предикција наместо седиментација, дејство без искажувач, и обработливост наместо видливост — и покажува дека секоја од нив ја неутрализира по една претпоставка на старата оска и со тоа по една алатка на класичниот квир отпор. Како потврда, текстот ја следи конвергенцијата на ова поместување кај Делез, Хагерти и Ериксон, Рувроа и Бернс, и Зубоф, и предлага дека отпорот на новата оска се преселува во необработливиот остаток на телото, мислен преку тријадата непрозирност–недовршеност–релационалност.
Клучни зборови: тело, алгоритам, дискурс, перформативност, алгоритамска управливост, квир теорија, непрозирност, нов материјализам
Дискурзивното тело и неговите граници
Во последните три децении квир теоријата и феминистичката мисла за телото се организираа околу една оска чија плодност тешко може да се процени. Телото престана да биде природна дадена основа врз која се впишуваат значења и стана ефект на самото впишување. Кога Џудит Батлер тврдеше дека родот е нешто што се изведува преку повторливи чинови, а не нешто што телото го има, таа го постави она што подоцна ќе биде централната дихотомија на едно цело поле: телото наспрема дискурсот, материјата наспрема означувањето (Butler 1990; 1993).
Оваа оска не беше едноставна бинарност во која едниот член го исклучува другиот. Нејзината вистинска моќ беше во напнатоста што ја одржуваше. Од едната страна стоеше конструктивистичката линија, за која телото е седиментиран резултат на цитатна пракса — нормата постои затоа што се повторува, и токму во потребата за повторување лежи и нејзината ранливост. Од другата страна, новиот материјализам и пред сè работата на Карен Барад дадоа акцент на материјалното, инсистирајќи дека материјата не е пасивна површина за дискурзивно гравирање, туку учествува во своето сопствено настанување. Кај Барад дури и поделбата меѓу материјата и дискурсот се покажува како второстепена: тие се материјално-дискурзивни практики, заплеткани во она што таа го нарекува интра-акција (Barad 2007).
Помеѓу овие два пола квир мислата го најде својот дом. Телото беше истовремено направено и материјално, изведено и отпорно, фатено во јазикот и сепак никогаш целосно сведено на него. Пол Б. Препјадо ја однесе оваа линија до нејзината фармаколошка крајност, покажувајќи дека телото на доцната модерност е молекуларно администрирано — хормонот, таблетата и протоколот се пишуваат врз него како што дискурсот се пишува врз субјектот (Preciado 2013). Сепак, и во оваа најматеријална варијанта, режимот на моќ што се анализираше остануваше дискурзивен по својата внатрешна логика: тој именуваше, класифицираше, изрекуваше норма, и оваа норма се впишуваше во телото за време на повторувањето.
Во тој контекст лежи претпоставката што ја држеше целата оска, и токму таа претпоставка денес станува проблематична. Дискурзивниот режим, без оглед колку и да е материјален во своите ефекти, секогаш претпоставуваше три работи. Прво, дека постои искажувач кој ја истанцира нормата — институција, авторитет, говорна позиција од која исказот добива тежина. Второ, дека нормата има форма на исказ кој може да се потврди или негира, и затоа да се оспори. Трето, дека таа делува низ седиментација, односно низ натрупување на повторувања во минатото кои полека го норамализираат она што во почетокот било произволно. Кога овие три претпоставки повеќе не важат, оската не застарува по вкус — таа престанува да го допира својот предмет. Тврдењето на овој текст е дека токму тоа се случува во алгоритамското општество.
Поместувањето на оската
Тезата што ја предлагаме е дека во алгоритамското општество централната дихотомија низ која се мисли конституцијата на телото повеќе не е телото наспрема дискурсот, туку телото наспрема алгоритмот. Ова тврдење бара веднаш една ограда, бидејќи без неа лесно се претвора во груба периодизација во која една епоха уредно ја заменува друга. Дискурсот не исчезнал. Законите за родот сè уште се пишуваат со зборови, медицинските и правните говори сè уште класифицираат, именувањето сè уште дејствува. Тврдењето не е дека дискурзивната моќ е укината, туку дека таа повеќе не е доминантната логика по која телото се конституира денес.
Можеби подобра формулација е дека дискурсот е впиен во алгоритмот — во строгата хегеловска смисла на тој збор, истовремено укинат, зачуван и подигнат на друго ниво. Алгоритмот не доаѓа на празно место од кое дискурсот се повлекол. Тој ги наследува сите категории на дискурзивниот режим: родовите бинарности, нормативните асоцијации, историски седиментираните класификации се впишани во податоците врз кои моделите се обучуваат и во таксономиите по кои тие работат. Машинскиот модел што класифицира род не измислува нови категории од ништо — тој ги рециклира токму оние што дискурзивниот режим ги произвел низ векови. Но алгоритмот ги обработува овие наследени категории по логика што дискурсот ја немал. Истата норма, поинаква операција.
Оваа разлика меѓу наследената содржина и новата операција е суштинска за целиот аргумент. Ако алгоритмот само го продолжуваше дискурсот со други средства, тогаш старата аналитичка апаратура би била доволна со мали поправки и поместувањето на оската би било непотребно. Но ако операцијата е суштински различна, тогаш поимите развиени за дискурзивниот режим — пред сè поимот на перформативноста — немаат за што да се закачат. Не затоа што се истрошени, туку затоа што претпоставуваат услови што новата операција ги нема. Поместувањето на оската не е, значи, израз на теориска мода ниту на личен избор на оптика. Тоа е признавање дека предметот веќе ја има оваа структура, и дека анализата што останува на старата оска го промашува тоа што денес всушност го конституира телото.
Останатото од овој текст ја разработува токму таа разлика. Прво се изложуваат четирите операции по кои алгоритамската конституција на телото се разликува од дискурзивната — ова е јадрото на аргументот за нужноста на новата оска. Потоа, како потврда, се покажува дека истото поместување е независно препознаено од повеќе мислители од одвоени традиции, што сведочи дека станува збор за својство на предметот, а не за идиосинкразија на анализата. Се отвора прашањето каде, на новата оска, останува мислив отпорот — што е тест за тоа дали дихотомијата е не само дијагностички точна туку и теориски продуктивна. Конечно, се разгледуваат трите најсилни приговори што можат да се упатат против целото поместување.
Што пресметува алгоритмот: четирите операции
Алгоритамската конституција на телото се разликува од дискурзивната по четири операции. Тие не се случајно избрани својства ниту техничко набројување; секоја од нив одзема по една од претпоставките врз кои почиваше старата оска, и со тоа неутрализира по една од алатките што класичниот квир отпор ги имаше на располагање. Редоследот не е произволен — секоја следна операција ја радикализира претходната.
Првата операција е корелација наместо означување. Дискурсот функионира преку искази. Пропозицијата – „ова е машко“ — тврдење кое, бидејќи е тврдење, може да биде вистинито или лажно, може да се оспори, негира, изврти. Токму во таа изјавна природа живееше можноста за отпор: секое именување може да се одбие, секој исказ може да се демантира. Алгоритмот не изрекува исказ. Тој наоѓа дека одредени обрасци се појавуваат заедно и доделува веројатност. Не вели „ова е машко“, туку пресметува дека телото со дадени обележја со одредена веројатност спаѓа во дадена категорија.
Разликата не е суптилна кога ќе се погледне конкретно. Кога системот за автоматско препознавање на род класифицира лице од фотографија, тој не изрекува суд за тоа лице во смислата во која лекар или службеник изрекувал; тој пресметува растојание во векторски простор меѓу обележјата на тоа лице и статистички научените центри на категориите. Кога препорачувачкиот систем на платформа за облека му нуди на корисникот „машки“ производи, тој не тврди дека корисникот е маж — тој пресметал дека профилот корелира со обрасци на купување означени како машки. Нема исказ, има наклон на распределбата. И со тоа исчезнува првата алатка на отпорот: веројатноста не може да се негира како што се негира исказ, бидејќи таа не тврди ништо што би можело да биде лажно. Таа само пресметува, и единствениот начин да се промени е со повеќе или поинакви податоци, не со одбивање или демант.
Втората операција е предикција наместо седиментација. Дискурсот дејствува ретроактивно, низ историја на повторувања што полека го конституираат телото; нормата се „натрупува“ во минатото и оттаму го фиксира субјектот. Алгоритмот делува однапред. Тој не само што го опишува телото според неговото минато, туку го антиципира — пресметува што ќе биде, што ќе посака, како ќе се однесува — и дејствува врз таа идна состојба пред таа да настане. Антоанет Рувроа и Тома Бернс ова го формулираат прецизно кога велат дека алгоритамската управливост го таргетира неактуелното, односно она што сè уште не постои но е можно и виртуелно, со цел да спречи актуализација на одредени потенцијалности (Rouvroy и Berns 2013).
Оваа темпорална инверзија нема преседан во дискурзивната логика, и нејзината специфика бара прецизност, бидејќи тврдењето дека предвидувањето „учествува во произведувањето на она што го предвидува“ лесно звучи парадоксално ако не се покаже механизмот. Механизмот е повратна спрега. Предвидувањето не делува директно врз телото туку врз неговата средина: тоа одредува што телото ќе види, што ќе му биде понудено, што ќе му биде ускратено. Кога платформата предвиува дека одреден корисник ќе развие одреден интерес и според тоа предвидување му сервира содржина, изборот на содржина ја преобликува средината во која корисникот формира интереси. Интересот што потоа се појавува — и што го потврдува предвидувањето — не е независна потврда на прогнозата туку нејзин делумен производ. Перформативната норма се потврдува осврнувајќи се наназад, кон долгиот ред претходни изведби што ја направиле да изгледа природна; предиктивната операција се потврдува нанапред, обликувајќи ја средината така што предвиденото станува поверојатно. Дискурсот го фиксира минато; алгоритмот го затвора кругот околу иднината. Телото повеќе не е оценето според тоа што било или направило, туку според тоа што статистички би можело да биде — а самата пресметка ги поместува условите така што пресметаното се остварува.
Третата операција е дејство без искажувач. Кај Дискурсот има некој што зборува — институција, лекар, закон, авторитет. Тоа значи дека постои адреса за отпор: се знае кому да се возврати, кого да се оспори, против кого да се организира. Алгоритамската класификација не ја искажува никој. Таа произлегува од операцијата врз милиони податочни точки, без субјект што ја изрекува. Литературата по Рувроа го именува ова управување без субјект, но не без цел — управување кое не се соочува со поединецот туку го заобиколува, дејствувајќи на ниво на инфра-индивидуални податоци кои сами по себе ништо не значат, при што „можностите за субјективација стануваат сè поретки“ (Rouvroy и Berns 2013).
Ова е можеби најрадикалната од четирите операции, бидејќи го менува самиот услов на критиката. Класичната критика, и квир критиката со неа, претпоставуваше говорник на нормата кому може да му се спротивстави — патријархатот, медицинскиот авторитет, законот што патологизира. Кога нема говорник, моќта се деперсонализира до точка во која станува тешко да се локализира. Корисникот кому алгоритмот му ускратил видливост, можност или понуда нема пред себе никого што го донел тоа решение; нема исказ да се побие, нема одлучувач да се повика на одговорност, постои само распределба што се пресметува самата и чиишто ефекти се реални, но чиешто потекло е растворено во операцијата.
Четвртата операција е обработливост наместо видливост. Дискурсот произведува моќ преку именување и видливост: за да биде фатено, телото мора да биде изговорено, класифицирано, направено видливо како тип. Затоа квир политиката долго време се водеше токму околу видливоста — да се биде виден, признаен, именуван, или, обратно, да се одбие видливоста и да се остане непрепознаен. Алгоритмот го заобиколува тоа поле. Тој произведува моќ преку обработливост: не мора да го именува телото, доволно е тоа да биде податок.
Телото може да биде „фатено“ преку обрасци што немаат име, што ниту самиот оператор не ги разбира — корелации меѓу навидум неповрзани сигнали кои предвидуваат припадност или склоност без воопшто да ја изговорат категоријата. Системот не мора да „знае“ дека некој е квир за да го третира различно; доволно е профилот да корелира со обрасци што статистички се поврзуваат со таа припадност. Со тоа се преврте целата стара политика на признавање: ако порано отпорот беше борба за или против видливоста, сега видливоста станува споредна, бидејќи телото се обработува и кога не е именувано, и кога е невидливо како категорија. Барањето „да не бидам класифициран“, кое имаше смисла наспрема дискурзивниот режим, губи смисла наспрема режим кој не класифицира преку имиња туку преку обработка на податоци.
Земени заедно, овие четири операции го покажуваат зошто старата оска не може едноставно да се прошири за да го опфати алгоритмот. Перформативноста, која беше централниот поим на дихотомијата тело–дискурс, претпоставува искажувач кој повторува чин кој се седиментира низ времето и кој се обраќа кон субјект во форма на видлив исказ. Ниту една од четирите операции не нуди такво нешто. Нема искажувач, нема повторување туку пресметка, нема седиментација туку предикција, нема видлив исказ туку обработка на веројатност. Поимот нема за што да се закачи. Не дека е погрешен — туку дека неговиот предмет повеќе го нема обликот за кој беше направен. Тоа е вистинската причина зошто оската мора да се помести: светот не се сменил во некоја општа смисла, туку самиот начин на кој телото се конституира ги загубил својствата што старата апаратура ги претпоставуваше.
Конвергенцијата: едно поместување, повеќе традиции
Ако поместувањето на оската беше само интуиција на една анализа, тоа би можело да се отфрли како идиосинкразија. Но истото поместување е независно изведено од мислители кои доаѓаат од одвоени традиции и кои не се координирале меѓусебно. Оваа конвергенција е доказ од втор ред: кога правник, социолози и филозоф, тргнувајќи од различни прашања, стигнуваат до иста структура, тогаш структурата веројатно припаѓа на предметот, а не на нивните оптики. Овој дел не е преглед на литература туку реконструкција на една линија чии точки се сложуваат токму онаму каде што е најважно за тезата.
Генеалогијата започнува со едно поместување кое самиот Фуко веќе го најави, но не го доживеа во неговата алгоритамска форма. Фуко ја мислеше дисциплинската моќ како моќ што се спроведува врз телата затворени во институции — училиштето, касарната, болницата, затворот — репродуцирајќи послушни субјекти преку надзор, распоред и норма. Дискурзивниот режим на Батлер е наследник на токму таа фукоовска норма, пренесена од институцијата во цитатната пракса. Жил Делез беше првиот што виде дека дисциплинската епоха завршува и дека доаѓа нешто друго.
Во краткиот текст за општествата на контрола Делез тврдеше дека затворените средини на дисциплината отстапуваат пред отворените, модулирачки механизми на контролата, и дека во тој премин поединецот — неделивиот, оној што има глас и може да изврши чин — се распаѓа на она што тој го нарече дивидуум, делив и модулирачки податочен ентитет (Deleuze 1992). Ова е филозофскиот зглоб на целиот аргумент. Дискурзивниот субјект на Батлер сè уште беше неделив; тој имаше глас, можеше да изврши перформатив, можеше погрешно да повтори и со тоа да субверзивен. Дивидуумот го нема тоа — тој е токму она во што алгоритмот го разложува телото: сноп обележја, профил, делив на категории кои се рекомбинираат без негов глас. Сите подоцнежни поими се развиваат врз оваа делезовска основа, и токму затоа поместувањето од тело–дискурс кон тело–алгоритам е продолжение на веќе започнато движење.
Најблиску до идејата за телото сведено на податоци дојде од Кевин Хагерти и Ричард Ериксон. Според нив, надзорниот склоп прво ги откинува телата од нивното место и време, а потоа ги разложува на одделни текови од податоци. Тие текови се повторно составуваат на друго место — како виртуелни двојници на телата од кои се извлечени (Haggerty и Ericson 2000). Резултатот е „тело одвоено од себе“, двојник од чиста виртуелност кој циркулира низ центрите на пресметка независно од месото од кое е извлечен. Ова е токму телото сведено на објект на обработка — операцијата на обработливоста изложена во претходниот дел. Сепак, токму тука лежи и границата на ваквото гледање, на која ќе се вратиме: ако телото е сведено на чист податочен двојник без остаток, тогаш отпорот станува немислив, и затоа поимот мора да се коригира.
Рувроа и Бернс ја дадоа најзрелата формулација на операциската логика. Нивниот поим алгоритамска управливост означува тип на нормативна рационалност заснована на автоматизирано собирање и анализа на големи податоци со цел да се моделира, предвидува и однапред да се влијае врз можните однесувања на телата. Кај нив нормата престанува да биде трансцендентна и станува иманентна — не доаѓа однадвор како закон туку се произведува од самата распределба на податоците и еволуира во реално време, напуштајќи ги старите хиерархии на „нормалниот“ или „просечниот“ човек во прилог на статистички двојник на светот кој не се потпира на ниту еден претходен стандард. Ова е филозофската артикулација на тоа што претходно го нареков снемување на дискурсот: нормата сè уште дејствува, но веќе не како изговорено правило, туку како иманентен ефект на пресметката.
Конечно, Шошана Зубоф ја смести целата машинерија во рамка на политичката економија. Нејзиниот поим надзорен капитализам ги опишува извлекувањето на бихејвиоралниот вишок, предиктивните пазари и модификацијата на однесувањето заради профит (Zuboff 2019). Оваа рамка е помоќна во објаснувањето на мотивот — капиталистичкиот императив што ја движи целата операција — отколку во онтологијата на телото, и затоа овде се зема како контекст, не како јадро. Без неа алгоритамската конституција би изгледала како чисто техничка нужност, а не како облик на моќ со определен интерес зад себе.
Линијата што се исцртува — од Фуко и дисциплинскиот режим, преку Делез и дивидуумот, Хагерти и Ериксон и податочниот двојник, Рувроа и Бернс и иманентната норма, до Зубоф и политичката економија — не е историја на влијанија туку соѕвездие на конвергенции. Од секого се зема по нешто: од Делез поимот на разложениот субјект, од Хагерти и Ериксон телото-како-податок, од Рувроа операциската логика, од Зубоф економскиот мотив. Ниту еден од нив, сепак, не ја прави синтезата што овој текст ја предлага, бидејќи ниту еден не ја вкрстува алгоритамската оска со квир онтологијата на телото. Токму таа синтеза е предмет на следниот дел.
Остатокот: каде преживува квир
Ако четирите операции ги неутрализираат класичните алатки на квир отпорот — отпорот на видливоста, на негацијата, на субверзивното повторување — тогаш се поставува прашањето дали на новата оска воопшто останува мислив отпор. Ова прашање е истовремено тест за самата дихотомија: ако оската тело–алгоритам не може да го смести отпорот, тогаш таа е само добра дијагноза но сиромашна за критичка теорија, а критичката теорија секогаш бара точка од која отпорот е мислив. Одговорот е дека отпорот навистина се преселува, но на сосема друго место. Тој веќе не е во погрешното повторување на нормата, туку во она што може да се нарече необработлив остаток — телото што секоја класификација го произведува како свој вишок, она што профилот никогаш целосно не го фаќа и токму затоа постојано го пресметува одново.
Овој остаток може да се мисли преку три меѓусебно поврзани својства на телото: непрозирност, недовршеност и релационалност. Тие не се три одделни тврдења туку три аспекти на иста онтолошка позиција — тело што е релационо настанато не може да биде целосно проѕирно, бидејќи неговите граници се внатре во релацијата, не пред неа; тело што не е проѕирно не може да биде фиксирано во конечна форма; тело што не е фиксирано е секогаш веќе релационо отворено. Секое од трите својства, како што следи, одговара на по една од операциите изложени претходно и ја означува точката на која таа потфрла.
Непрозирноста — во смислата во која Едуар Глисан зборува за право на непрозирност, за правото да не се биде сведен на проѕирност, разбирливост и читливост — е одговорот на обработливоста (Glissant 1990). Глисан го свртува правото од барање за признавање кон барање за нечитливост: не „разберете ме правилно“, туку „имам право да не бидам разбран, сведен, опфатен“. Наспрема операцијата што произведува моќ преку обработливост, телото што одбива да биде целосно читливо го разнишува самиот услов на алгоритамското дејство. Не станува збор за криење податоци — што алгоритмот лесно надминува — туку за онтолошка нередуцибилност: остаток што не се преведува во профил без губиток.
Недовршеноста е одговорот на предикцијата. Тело што нема конечна форма ја изневерува секоја прогноза, бидејќи нема завршена состојба врз која предвидувањето би се закотвило. Предиктивната операција претпоставува дека телото има траекторија што може да се екстраполира; недовршеното тело е токму она кое не е траекторија туку отвореност, кое во секој миг може да тргне накриво на начин што ниту еден претходен податок не го содржи. Овде е потребно прецизно разграничување, бидејќи делот од оваа територија веќе е населен. Мет Аби и Азаде Акбари неодамна го критикуваа поимот на податочниот двојник токму со аргументот дека телото е недовршено, и дека таа недовршеност — епистемолошка и онтолошка истовремено — ја разнишува надзорната фантазија за тотално знаење (Abbey и Akbari 2025).
Нивниот аргумент е сроден на нашиот, но изведен по друг пат: тие недовршеноста ја изведуваат преку Спиноза и преку делез-гатаријанскиот поим на желбата и Телото без органи, тргнувајќи од прашањето што едно тело може да направи. Нашата тријада не почива на желбата туку на онтологијата на телото артикулирана низ Глисан, Барад и Жан-Лик Нанси, и таа е специфично квир по своето политичко острило. Споделувањето на терминот недовршеност не е, значи, преземање туку конвергенција — уште еден случај во кој предметот наложува исто име на различни мислители, што само ја зацврстува тезата дека станува збор за својство на предметот.
Релационалноста е одговорот на дејството без искажувач. Ако моќта повеќе не е субјект кому се возвраќа, тогаш ни отпорот не може да биде индивидуален субјект што му се спротивставува. Кај Жан-Лик Нанси битието е секогаш веќе со-битие, изворно делено, никогаш затворен поединец (Nancy 1996); кај Барад агенцијата е дистрибуирана низ апаратот, не локализирана во еден пол (Barad 2007). Отпорот мислен преку нив не е акт на субјект туку настанување-во-релација кое алгоритмот не може да го затвори во профил, бидејќи профилот по дефиниција индивидуализира — го изолира телото како сноп обележја — додека релационото тело постои само во врската што претходи на секое одвојување. Тоа што алгоритмот го разложува на дивидуум, релационалноста го држи отворено како она што не се сведува на збир на свои обележја.
Разликата спрема Рувроа е од друг ред и вреди да се истакне, бидејќи таа го одредува политичкиот влог на целиот текст. Кај Рувроа иманентната нормативност се чита пред сè како загуба — загуба на субјективација, на рефлексивност, на можност за оспорување; нејзината дијагноза е меланхолична, а излезот што го нуди, повикот да се направи видливо она што не може да се дигитализира, останува слаб токму затоа што сè уште се потпира на субјект кој би требало да го изврши тоа правење-видливо. Тријадата нуди нешто што нејзината рамка структурно го нема: точка на отпор што не зависи од субјектот на правото ниту од рефлексивниот морален агент. Ако алгоритамската управливост го заобиколува субјектот, тогаш секој отпор што се потпира на субјектот е однапред поразен. Отпорот лоциран во необработливиот остаток на телото не бара субјект — тој е таму каде што материјата едноставно не се затвора во податок, без оглед дали некој го изговара тоа или не.
Три приговори
Поместувањето предложено овде е изложено на најмалку три сериозни приговори, и неговата издржливост зависи од тоа дали може да им одговори. Првиот е приговорот за технолошки детерминизам: дека текстот ѝ припишува на технологијата онтолошка примарност на начин на кој раниот дискурзивизам ѝ ја припишуваше на јазикот, и дека „сè е алгоритам“ е истата грешка како „сè е дискурс“, само во ново руво. Одговорот е дека тезата експлицитно не тврди примарност туку доминантност, и дека алгоритмот овде не се мисли како суверен што го конституира телото еднострано, туку како операција во апарат во кој телото и понатаму учествува материјално. Токму затоа петтиот дел инсистира на необработливиот остаток: ако телото беше целосно сведливо на алгоритамска обработка, приговорот за детерминизам би бил оправдан. Тврдењето дека постои остаток што не се обработува е токму негацијата на детерминизмот.
Вториот приговор е дека алгоритмот е само нов дискурс — дека корелацијата, предикцијата и обработката се само современи форми на означување, и дека ништо суштински ново не се случило. Овој приговор го промашува аргументот на третиот дел. Поентата не е дека алгоритмот прави нешто наполно туѓо на дискурсот, туку дека тој не ги задоволува условите што поимот перформативност ги претпоставува: искажувач, исказ, седиментација. Може да се настојува дека и овие услови се само редефинирани, не укинати — но тогаш товарот на доказот паѓа на тој што го тврди тоа, да покаже како перформативноста функционира без искажувач и без повторување. Сè додека тоа не е покажано, попрактично е да се признае дека станува збор за различна операција и да ѝ се даде поим што ѝ одговара, отколку да се растегнува стариот поим до точка во која губи содржина.
Третиот приговор е дека периодизацијата е премногу чиста — дека поделбата „порано дискурс, сега алгоритам“ произведува наратив на уредна смена на епохи кој не одговара на испреплетената реалност во која дискурзивната и алгоритамската моќ дејствуваат истовремено. Овој приговор е најсериозен и токму затоа целиот текст е граден против него. Поимот на „впивање“ постои за да го неутрализира: дискурсот не е заменет туку зачуван во алгоритмот како негова претходна состојба и негова содржина. Дихотомијата тело–алгоритам не тврди дека дискурзивната конституција престанала, туку дека таа сега се одвива внатре во рамка чија доминантна логика е алгоритамска. Тоа не е смена на епохи туку преструктурирање на хиерархијата меѓу регистрите на моќ — а преструктурирањето е токму она што бара нова централна оска, додека старата се зачувува како нејзин момент.
Заклучок: телото на новата оска
Поместувањето од дихотомијата тело–дискурс кон дихотомијата тело–алгоритам не ги отфрла досегашните анализи на дискурзивната конституција на телото. Напротив, тоа ги зачувува — како своја претходна состојба, како момент што е впиен во новата оска. Перформативноста, цитатноста, материјално-дискурзивната практика остануваат точни описи на режим што сè уште дејствува, само што веќе не е доминантен. Она што се менува е центарот на гравитација на анализата: за да го допре телото каков што денес се конституира, мислата мора да тргне од операциите на алгоритмот — корелацијата, предикцијата, дејството без искажувач, обработливоста — а не од претпоставките на изговорената норма.
Овој потег не е напуштање на квир мислата туку нејзино пренесување на терен каде нејзините стари алатки веќе не функционираат. Квир не живее на новата оска како политика на видливост или како субверзивно повторување, туку како име за она што останува необработливо — за телото што не се затвора во профил, што изневерува прогноза, што одбива проѕирност, што постои релационо пред секое одвојување. Дихотомијата тело–алгоритам е, во таа смисла, не само најточната рамка за телото во алгоритамското општество, туку и најпродуктивната: таа не само што го дијагностицира новиот режим, туку и покажува каде, во самата негова операција, останува место за она што тој не може да го пресмета. Да се мисли телото денес значи да се мисли токму тоа место — не надвор од алгоритмот, бидејќи надвор веќе нема, туку во остатокот што секое пресметување го произведува а не успева да го затвори.
Референци
Abbey, Matthew, и Azadeh Akbari. 2025. „A Critique of Surveillant Assemblage: Bodies, Desire, and the Limits of the Data Double.“ Surveillance & Society 23 (4): 511–517.
Barad, Karen. 2007. Meeting the Universe Halfway: Quantum Physics and the Entanglement of Matter and Meaning. Durham: Duke University Press.
Butler, Judith. 1990. Gender Trouble: Feminism and the Subversion of Identity. New York: Routledge.
———. 1993. Bodies That Matter: On the Discursive Limits of “Sex.” New York: Routledge.
Deleuze, Gilles. 1992. „Postscript on the Societies of Control.“ October 59: 3–7. Оригинал: „Post-scriptum sur les sociétés de contrôle.“ L’autre journal, бр. 1 (мај 1990).
Glissant, Édouard. 1990. Poétique de la Relation. Paris: Gallimard.
Haggerty, Kevin D., и Richard V. Ericson. 2000. „The Surveillant Assemblage.“ The British Journal of Sociology 51 (4): 605–622.
Nancy, Jean-Luc. 1996. Être singulier pluriel. Paris: Galilée.
Preciado, Paul B. 2013. Testo Junkie: Sex, Drugs, and Biopolitics in the Pharmacopornographic Era. Прев. Bruce Benderson. New York: Feminist Press.
Rouvroy, Antoinette, и Thomas Berns. 2013. „Gouvernementalité algorithmique et perspectives d’émancipation. Le disparate comme condition d’individuation par la relation?“ Réseaux, бр. 177: 163–196.
Zuboff, Shoshana. 2019. The Age of Surveillance Capitalism: The Fight for a Human Future at the New Frontier of Power. New York: PublicAffairs.