
Овој труд е резултат од преписка и разговори меѓу Филип Ицовски и Боби Бадаревски. Иницијалниот предизвик беше методолошки и епистемолошки: како да се пишува за небинарните идентитети и за trans-искуството без да се повтори токму она што queer теоретскиот апарат го прави како свое автоматско движење — претворање на специфичното искуство во теоретски пример, во илустрација на општа теза, во материјал од кој други позиции црпат своја аргументација, додека самите субјекти на тоа искуство остануваат надвор од говорот што се води за нив. За да се справиме со тој предизвик, моравме прво да направиме генеалошка мапа на полето — да ги следиме конкретните моменти кога расцепот меѓу queer теоријата и trans студиите се артикулирал, и да видиме како истиот гест на одбивање да се биде туѓ пример се повторува низ четири децении, во различни форми и под различни политички притисоци. Од таа мапа произлезе и структурата на трудот, и неговиот наслов
Прв дел: како се отвори расцепот (1987–2014)
Апстракт
Овој труд тргнува од една теза: расцепот меѓу queer теоријата и trans студиите не е историски случаен, туку структурен. Queer теоријата има конститутивна потреба од trans телото — без него, перформативноста како теоретска позиција останува апстрактна — додека trans теоријата ги развива своите сопствени епистемолошки ресурси паралелно, не како подножје на queer теоријата. Оваа асиметрија значи дека секоја „синтеза“ меѓу двете полиња редовно станува асимилација: trans-искуството влегува во queer теоретскиот апарат како негов најрадикален случај, не како свој епистемолошки субјект. Тезата што ги поврзува аргументот е дека фразата „не сум твој пример“ — артикулирана експлицитно за првпат од Susan Stryker во 1994 година во GLQ — не е едно тврдење направено еднаш, туку структурен гест кој мора да се повторува, секогаш одново, во секој нов момент кога теоретски апарат на queer теоријата (и подоцна на mainstream trans теоријата самата) се обидуваат да го асимилираат специфичното искуство, специфичната позиција, специфичното знаење.
Трудот е поделен на два дела. Првиот дел ја следи генеалогијата на расцепот од 1987 до 2014 година. Се мапираат конкретни моменти: основачкиот текст на Sandy Stone The Empire Strikes Back: A Posttranssexual Manifesto (1987/1991/1992); конституирањето на queer теоријата како именувано поле меѓу 1990 и 1991 година (de Lauretis, Sedgwick, Butler); првата експлицитна интервенција од trans позиција во централно queer академско списание (Stryker во GLQ 1994, со метафората на чудовиштето како епистемолошка позиција); фронталниот теоретски судир со Butler во Second Skins: The Body Narratives of Transsexuality на Jay Prosser (1998), со неговиот централен поим за home in the body; и одложеното институционално признавање на trans студиите како посебна академска формација (The Transgender Studies Reader, Stryker и Whittle 2006; TSQ: Transgender Studies Quarterly 2014). Аргументот на овој дел е дека расцепот не е разлика во акцент, туку расцеп во основата на интервенцијата — queer теоријата го мисли телото од позиција на дестабилизација и анти-нормативност, додека trans теоријата (во онаа артикулација која ја следат Stone, Stryker и Prosser) инсистира на специфичност на trans-позицијата како епистемолошки субјект и како место на материјална телесна работа со специфичен залог. Во моменти на криза — околу медикализацијата, дефиницијата на nonbinary идентитетот, статусот на медицинскиот пристап — овие две позиции произведуваат различни препораки за исти ситуации.
Вториот дел ја мапира мутацијата на расцепот после 2014 година, во периодот на институционалната зрелост на trans студиите. Тезата е дека институционалното конституирање не го затвора расцепот, туку го отвора во нова форма — расцепот веќе не е само меѓу queer и trans, туку и внатре во trans студиите. Се следат пет паралелни линии: првата, провокативната интервенција на Andrea Long Chu (On Liking Women, n+1 2018; Females, Verso 2019; After Trans Studies, TSQ 2019), која отвора генерациски расцеп преку артикулацијата на транзицијата како „подложување“ на желба, не како автентичност или ослободување; втората, расно-телесната критика што ја отвораат Hortense Spillers (со дистинкцијата body/flesh во Diacritics 1987), C. Riley Snorton (Black on Both Sides, Minnesota 2017), и Marquis Bey (Black Trans Feminism и Cistem Failure, Duke 2022), која покажува дека целиот теоретски апарат на trans студиите претпоставува тело со граѓански статус — позиција недостапна за телата историски произведени како flesh; третата, фронталниот судир меѓу trans материјализам и nonbinary идентитарност (Kadji Amin, We Are All Nonbinary, Representations 2022; Eric Llaveria Caselles, Frontiers in Sociology 2025), која ја историзира самата категорија „gender identity“ како класно компромитиран продукт на берлинскиот сексолошки контекст од 1920-те; четвртата, тивкиот афективен и грижовен регистар на Hil Malatino (Trans Care 2020, Side Affects 2022), која го отвора прашањето за тоа што се случува по транзицијата — за заморот, бесот, изгорувањето; и петтата, политичкиот момент после 2024 година со Cass Review во Обединетото Кралство и Project 2025 во Соединетите Држави, кој го става полето пред двојна обврска — да брани основни права и истовремено да продолжи со внатрешна теоретска критика. Заклучокот е дека расцепот не е грешка во полето што треба да се поправи, туку условот под кој полето може да продолжи да произведува знаење. Здравото поле не е она во кое внатрешните расцепи се потиснуваат заради единство, туку она во кое тие се одржуваат како продуктивни тензии.
1. Вовед: едно прашање, две лица
Постои едно прашање што поминува низ полето на родовите студии веќе повеќе од три децении, и тоа прашање не е затворено: дали queer теоријата може да го мисли trans телото, или само може да го мобилизира како свој пример? Тоа прашање првпат експлицитно е поставено во 1994 година, во есеј на Susan Stryker објавен во GLQ: A Journal of Lesbian and Gay Studies, и оттогаш не престанува да се враќа — не како остаток од стара теоретска несогласба, туку како структурна напнатост која мутира низ генерациите. Во 2022 година, Kadji Amin во Representations, Marquis Bey во Black Trans Feminism, Jules Gill-Peterson во низа текстови и интервјуа — сите, на различни јазици и под различни политички притисоци — повторно го отвораат истото прашање. Прашањето не е затворено затоа што теоретскиот апарат на queer теоријата постојано се обидува да го рекоди trans телото како своја илустрација, своја крајна точка на анти-нормативна логика, своја најрадикална потврда.
Овој труд тргнува од една теза: расцепот меѓу queer теоријата и trans студиите не е историски случаен, туку структурен. Queer теоријата има потреба од trans телото — без него, перформативноста како теоретска позиција останува апстрактна. Trans теоријата нема потреба од queer теоријата на ист начин — таа има свои сопствени теоретски ресурси, кои се развиваат паралелно (феноменологија на отелотвореноста, расна теорија на флешот, материјалистичка анализа на медицинската институција). Оваа асиметрија значи дека секоја „синтеза“ меѓу двете полиња низ дваесеттите и подоцните години редовно станува асимилација — trans-искуството влегува во queer теоретскиот апарат како негов најрадикален случај, не како свој епистемолошки субјект.
Структурата на ова прво движење е генеалошка. Ќе ги следам конкретните моменти на расцепот: годините на конституирање на queer теоријата како именувано поле (1987–1991); првата експлицитна интервенција од trans позиција во кругот на queer списанијата (Stryker 1994); фронталниот теоретски судир со Butler (Prosser 1998); и одложеното институционално признавање на trans студиите како посебна академска формација (Stryker и Whittle 2006; Transgender Studies Quarterly 2014). Поентата не е архивска — поентата е дека секој од овие моменти артикулира иста структурна напнатост, иста асиметрија на залог.
Текстот не претендира на исцрпност. Намерно ги изоставува дискусиите кои ќе бидат предмет на второто движење — Andrea Long Chu, дебатата за trans материјализмот, расно-телесната критика на Marquis Bey, политичкиот момент после 2024. Тука ја картографирам првата фаза: моментот кога расцепот првпат експлицитно се именува, кога теоретскиот апарат на queer теоријата првпат добива одговор од субјектите кои тој ги мобилизирал.
2. 1987–1993: конституирање на queer теоријата и сцената на влез
Queer теоријата како именувано поле се конституира во еден краток интензивен момент меѓу 1990 и 1993 година. Терминот „queer theory“ го воведува филмската теоретичарка Тереза де Лауретис на конференција одржана на Универзитетот на Калифорнија во Санта Круз во февруари 1990 година, чиишто материјали се објавени како специјален број на списанието differences: A Journal of Feminist Cultural Studies во 1991 година (de Lauretis 1991). Во истата година, Eve Kosofsky Sedgwick го објавува Epistemology of the Closet (Sedgwick 1990), а Judith Butler ја објавува Gender Trouble: Feminism and the Subversion of Identity (Butler 1990). Овие три текста заедно го формираат теоретското јадро на она што во следните години ќе се прошири во меѓународно поле.
Заедничката рамка на овие текстови е анти-есенцијалистичка и перформативна. Sedgwick тврди дека хомосексуалноста и хетеросексуалноста не се природни категории туку историско-епистемолошки конструкции, поставени во релацијата на познаено и непознаено, видливо и невидливо, во специфичен историски момент. Butler оди понатаму: родот не е она што сме туку она што го изведуваме, преку повторливи телесни и говорни акти кои retroactively произведуваат привид на природна супстанца. Идентитетот, во оваа рамка, е ефект на изведбата, не нејзина основа. De Lauretis, иако подоцна се дистанцира од терминот „queer theory“ како комерцијализиран бренд, ја формулира програмата на ново поле: критичка обработка на сексуалноста која не ја сведува лезбискоста на верзија на хомосексуалноста, ниту хомосексуалноста на верзија на хетеросексуалноста.
Во овој прв момент, trans-искуствата веќе се присутни како тема, но не како епистемолошки субјекти. Butler во Gender Trouble ги мобилизира drag-перформансите како докази за тезата за перформативноста: ако родот може толку радикално да се изведе на тело кое нормативно не „припаѓа“ на тој род, тогаш и нормативниот род е изведба — секогаш бил. Тоа е силен теоретски потег. Но трансот, во таа функција, не зборува за себе — тој е доказ, илустрација, најрадикалниот случај што ја потврдува општата теза.
Тука е важно да се запре. Постои еден текст напишан пред овие три, којшто артикулира trans позиција од внатре, и кој ретроактивно станува основачки за трансовите студии: The Empire Strikes Back: A Posttranssexual Manifesto на Sandy Stone. Текстот е напишан во 1987 година, прв пат презентиран на конференција во UCSC во 1988 година, и објавен во антологијата Body Guards: The Cultural Politics of Gender Ambiguity во 1991 година (Stone 1991). Ревидираната верзија е објавена во Camera Obscura во 1992 година (Stone 1992). Тоа значи дека буквално во истиот институционален и временски простор во кој се конституира queer теоријата, trans теоријата исто така се конституира — но како посебна, паралелна формација, не како нејзин дел.
Stone-овиот текст е директен одговор на анти-trans радикално-феминистичкиот апарат на Janice Raymond (The Transsexual Empire, 1979), но неговите импликации одат подалеку. Stone тврди дека trans-личностите систематски се исклучени од говор за самите себе — медицинскиот апарат бара од нив пасивно прифаќање на дискурзивно зададени категории, додека анти-транс феминистичкиот апарат ги конструира како агенти на патријархална инвазија. Излезот, според Stone, е posttransexualness — позиција од која trans-личностите проговораат како субјекти на сопствените тела и животи, не како објекти на туѓ дискурс. Овој повик за епистемолошка позиција од внатре ќе биде темата што Stryker во 1994 ќе ја преземе и заостри.
Тоа што е круцијално за нашата генеалогија: во моментот кога queer теоријата се именува (1990–1991), trans теоријата веќе има своја основачка интервенција (Stone 1987/1991), објавена во истиот географски и институционален простор (UCSC), но во различна публикациска линија (антологијата на Straub и Epstein, не специјалниот број на differences). Овие две формации од почеток се паралелни, не последователни. Митот за queer теоријата како „рамка“ во која подоцна се појавуваат trans студиите е историски неточен. Поточно е да се каже: queer теоријата ја асимилира истовремената trans теорија, се конституира како неопходна рамка за нешто што всушност има свое потекло.
Sedgwick во Epistemology of the Closet пишува за хомосексуалноста и нејзиниот епистемолошки статус, не за trans-искуствата. Butler во Gender Trouble ги мобилизира drag-перформансите, но drag не е транзиција — drag е перформативна изведба внатре во специфична супкултурна логика, која претпоставува дистанца меѓу изведувачот и улогата. Транзицијата, како што ќе покаже Stryker и подоцна Prosser, претпоставува точно спротивна структура — не дистанца туку идентификација, не игра туку материјална трансформација.
Овие разлики во првиот момент не се видливи. Во 1990 година, queer функционира како кровен поим под кој се групираат сите ненормативни сексуалности и родови формации — лезбејки, геј-мажи, бисексуалци, transvestites, трансексуалци, drag queens. Распадот на оваа групна категорија ќе започне токму во 1994 година, со Stryker.
3. Stryker 1994: чудовиштето како епистемолошка позиција
Во јуни 1994 година, во третиот број на првиот том на GLQ: A Journal of Lesbian and Gay Studies, се појавува есеј насловен „My Words to Victor Frankenstein Above the Village of Chamounix: Performing Transgender Rage“ (Stryker 1994). Авторката, Susan Stryker, тогаш докторанд на Универзитетот на Калифорнија во Беркли, текстот првобитно го презентира како перформанс на конференцијата „Rage Across the Disciplines“ на Калифорнискиот државен универзитет во Сан Маркос во јуни 1993 година (alumni.berkeley.edu). Тоа значи дека есејот хронолошки е напишан во истиот момент кога Butler го пишува Bodies That Matter (1993). Двата текста се обраќаат на еден ист проблем од спротивни страни.
Stryker отвора со интертекст. Таа не се обраќа на читателот директно — се обраќа на Виктор Франкенштајн, протагонистот на романот на Мери Шели. Тоа реторичко решение носи неколку слоеви на значење. Прво, го мобилизира препознатливиот дискурс на анти-trans радикалниот феминизам кој буквално ги именува трансексуалните како „чудовишта“ — Mary Daly во Gyn/Ecology (1978) пишува за „Frankenstein-овиот феномен“, а Janice Raymond во The Transsexual Empire ја прифаќа таа метафора. Второ, метафората ја превртува: наместо да се одбрани од обвинбата за чудовиштност, Stryker ја прифаќа и ја мобилизира како епистемолошка позиција.
Поентата на есејот, во една реченица, е следната: trans личноста е во длабока смисла монструозна — но не во моралниот регистар на анти-природно или нечовечко, туку во онтолошкиот регистар на несведливост на природна даденост. Telото на trans личноста е составено, склопено, преговарано — направено, не само пронајдено. И токму тоа е знаење за пластичноста на телото и родот што не им е дадено на cis-субјектите на ист начин. Не затоа што cis-субјектите не можат да го разберат — туку затоа што немаат истиот афективен и материјален залог во таа пластичност.
Stryker тоа го артикулира низ што таа го нарекува „transgender rage“ — гнев кој не е реактивно емотивно отстапување, туку конститутивна форма на знаење. Гневот е она што ѝ дозволува на trans личноста да го одбие туѓото описание, да остане кај себеси како субјект. Во подоцнежен текст за дваесет и петтата годишнина од оригиналниот есеј, објавен во GLQ во 2019 година, Stryker рефлектира над тоа како есејот ги мобилизирал прашањата за рагот, рамата и трансовиот говор во моментот кога такви прашања институционално сè уште не биле препознаени (Stryker 2019).
Но клучниот теоретски потег во есејот од 1994 година не е метафората на чудовиштето како таква, туку нешто подлабоко: тврдењето дека trans-искуството произведува специфично знаење за односот меѓу телото и родот, кое е недостапно надвор од таа позиција. Тоа е епистемолошки потег. Stryker не вели „trans-искуството е валидно“ во некоја либерална смисла на признавање. Вели нешто посилно: дека трансот е локус на знаење, а не само случај што бара третман.
Овој потег го отвора расцепот со queer теоријата. Бидејќи queer теоријата, во формата што ја зема кај Butler во раните деведесетти, е универзализирачка во специфична смисла: тезата за перформативноста по дефиниција се однесува на сите тела, сите родови, сите изведби. Не постои привилегирана позиција од која родот може да се види „поинаку“, бидејќи сите видови на родот се веќе перформативни. Stryker одговара: точно е дека сите родови се перформативни во апстрактен смисол, но рамништето на перформативност не е исто. Cis-жената која носи фустан и trans-жената која зема хормони и подложи на хирургија и двете во некој филозофски смисол „изведуваат“ род — но залогот, материјалната тежина, ризикот, телесната пластичност не се исти. Едната работи во рамка која институционално е поддржана; другата работи во рамка која институционално е оспорувана. Едната има свое тело како даденост; другата има свое тело како постојано преговарана состојба.
Во таа разлика на залог се сместува Stryker-овата интервенција. Трансовата позиција не е само случај на општата теорема за перформативноста. Таа е епистемолошки субјект со специфичен однос кон материјалноста на телото, кој произведува увиди што не може да се произведат од друга позиција. Тоа е она што во подоцнежниот речник на Stryker и Whittle (2006) ќе биде наречено „de-subjugated knowledges“ — знаења кои претходно биле подредени, исклучени, преведени во туѓи рамки, и кои сега се изговараат за самите себе.
Историски, текстот од 1994 година има посебен статус. Тој е првата експлицитна интервенција од trans позиција објавена во централно queer академско списание (GLQ, основано 1993, од Duke University Press). Со други зборови, расцепот за прв пат се артикулира внатре во институционалниот простор на queer теоријата, не однадвор. Тоа е важно затоа што го отстранува лесниот контра-аргумент дека Stryker „не разбира“ queer теорија — таа пишува во нејзиното најрепрезентативно списание, во моментот на нејзиното конституирање. Ако таа го артикулира расцепот, тоа значи дека расцепот е внатрешен, не натрапнат однадвор.
4. Prosser 1998: материјалноста и home in the body
Четири години подоцна, во 1998 година, Columbia University Press ја објавува книгата на Jay Prosser Second Skins: The Body Narratives of Transsexuality (Prosser 1998). Книгата е дел од серијата Gender and Culture уредувана од Carolyn G. Heilbrun и Nancy K. Miller, и е прва монографска студија посветена исклучиво на трансексуалните автобиографски наративи. Структурата е поделена на два дела — „Bodies“ и „Narratives“ — а првото поглавје е насловено експлицитно: „Judith Butler: Queer Feminism, Transgender, and the Transubstantiation of Sex“.
Тоа поглавје е најдиректниот теоретски судир меѓу trans мислата и queer теоријата што бил објавен до тој момент. Prosser го чита Butler внимателно, не плитко. Тој ја признава силата на анти-есенцијалистичката позиција во Gender Trouble и Bodies That Matter. Тој се согласува дека родот е дискурзивно произведен, дека телото е историски и социјално структурирано, дека не постои „чисто“ тело пред културата. Но тогаш поставува едно прашање што Butler не го одговара: што правиме со trans личноста која буквално чувствува дека има тело, дека треба да биде друго тело, дека постои материјално несовпаѓање меѓу телото што го има и телото што го бара, кое не е сводливо на дискурзивна конструкција?
Прашањето не е реторичко. Prosser го развива низ внимателно читање на трансексуални автобиографии — Christine Jorgensen, Jan Morris, Renée Richards, Kate Bornstein, Leslie Feinberg — каде секаде се повторува истиот наративен мотив: тело како нешто погрешно, тело како нешто што не е дома, тело како нешто што мора да се преобликува за да се поклопи со внатрешно знаење за тоа какво треба да биде. Поимот што Prosser го предлага за тоа е home in the body — потреба за дом во телото.
Овој поим е теоретски радикален. Тој се судира директно со queer естетиката што кај Butler, а уште поостро кај нејзините наследници (Lee Edelman, Jack Halberstam во раните негови текстови, Lauren Berlant), слави бездомност, неситуираност, одбивање на природата, постојано измолкнување. Queer-от како теоретска позиција се конститутира преку одбивање на дом, на стабилност, на фиксиран идентитет. Прашањето дали queer субјектот „припаѓа“ на некаде се одговара негативно: queer-от е токму она што не припаѓа.
За многу trans личности, тврди Prosser, тоа не е соодветен опис. Целта на транзицијата не е одбивање на дом, туку градење дом — да се чувствуваш дома во своето тело, да го има тоа што Prosser, цитирајќи го Stone Butch Blues на Leslie Feinberg, го нарекува „no place like home“ во ироничен трансовски клуч (Prosser 1998, поглавје 5). Тоа е инверзија на queer естетиката: каде queer-от слави бездомност, трансот, барем во оваа теоретска инкарнација, сака дом. Каде queer-от слави несовпаѓање, трансот сака совпаѓање — но совпаѓање што се постигнува низ материјална, телесна работа, не дадено-однапред.
Prosser исто така воведува поим за body image во психоаналитичка смисла, мобилизирајќи го работата на Didier Anzieu (Le Moi-peau, 1985) и фантомското сетило на ампутираните екстремитети. Аргументот е дека trans-личноста може да доживее свое тело како имагинарно фантомизирано — постои внатрешна имагинарна слика на телото што не се поклопува со надворешната, и тоа несовпаѓање не е илузија туку специфичен модус на телесно искуство. Транзицијата, во таа рамка, не е „преминување“ од еден род во друг, туку поклопување на имагинарното тело со материјалното. Хирургијата и хормоните не се избрисување на телото туку приведување на телото кон неговото веќе постоечко имагинарно осетување.
Тоа е директен судир со Butler. За Butler, идејата за внатрешна слика на телото што претходи на дискурзивната конструкција е есенцијалистички остаток. За Prosser, одбивањето на таа можност е специфична форма на епистемолошко насилство врз trans-искуството — претворање на trans-нарацијата во апстрактен пример за анти-есенцијалистичка теза, наместо да се чита како валидно знаење за специфична телесна состојба.
Секогаш кога анти-есенцијалистичката позиција се применува догматски, тврди Prosser, таа реверзира во своја сопствена есенцијализација — есенцијализација на дискурзивната конструкција како единствена реалност. И токму на таа точка, queer теоријата ризикува да го изневери токму она искуство што го мобилизира како свој пример.
5. Зошто тоа е расцеп, а не разлика во акцент
Лесно е да се каже дека Stryker и Prosser едноставно даваат различен акцент во ист теоретски проект — дека двете полиња „соработуваат“, „се дополнуваат“, „се пресекуваат“. Голем дел од mainstream академскиот говор за односот меѓу queer и trans студии оди во таа насока, и тоа во голема мера од добра намера: за да се избегне изградба на нови дисциплинарни ѕидови, за да се одржи коалиција на маргинализирани полиња во неолибералниот универзитет.
Но патот на „различни акценти“ ја пропушта спецификата на расцепот. Расцепот не е во тоа што queer и trans теоријата работат на различни прашања (тоа би било нормално академско поле). Расцепот е во основата на интервенцијата, во првичното прашање што секоја позиција го поставува.
Queer позицијата, во нејзината класична артикулација кај Butler, Sedgwick, Edelman, Halberstam (раниот): ниедно тело не е „исправно“ или „природно“; сите се конструирани низ повторливи перформативни акти; политичкиот проект е да се покаже конструираноста, да се играме со неа, да се нарушат нормативните режими кои произведуваат привид на природна супстанца. Ова не е негативна позиција — таа отвора простор за нови форми на субјективност, нови телесни праксиси, нови сродства. Но нејзината теоретска основа е дестабилизирачка: целта е поткопување на сите тврдења за природност.
Trans позицијата, во онаа артикулација која ја следат Stone, Stryker и Prosser (но не и сите подоцнежни trans теоретичари — за тоа во второто движење): постои разлика помеѓу телото што го имаш и телото што треба да го имаш, и таа разлика не е дискурзивна туку отелотворена. Целта на интервенцијата е материјална — пристап до медицинска нега, до признавање, до телесна трансформација. Ова не е есенцијалистичка позиција во вулгарна смисла — Prosser, Stryker, Stone сите се потполно свесни дека родот е историски и социјално произведен. Но тие тврдат дека внатре во таа дискурзивна продукција, постојат специфични телесни искуства кои бараат материјална, не само симболичка интервенција.
Овие две позиции не се компатибилни во моменти на криза. Кога се отвораат конкретни политички и медицински прашања, тие се судираат. Земете еден пример: дали детронизацијата на медицинскиот модел на транзиција — отстранувањето на „gender dysphoria“ како дијагностичка категорија, отворањето на родовиот идентитет како прашање на самоопределување — е победа или загуба?
Queer одговорот најчесто е: победа. Медикализацијата го претвори трансот во патологија; отстранувањето на дијагнозата ги ослободува трансовите субјекти од gatekeeping и ги признава како автономни. Тоа е логично продолжување на анти-нормативната позиција: секаков обид за дефиниција, патологизација или класификација на родовиот идентитет е форма на дисциплинска моќ.
Trans одговорот, во многу артикулации (не сите — повторно, ова е терен што ќе се разгранува во вториот делф), е поамбивалентен: зависи. За некои, отстранувањето на дијагнозата значи слобода. За многу други — особено за оние со помал економски и социјален пристап — отстранувањето на медицинската рамка значи отстранување на инфраструктурата што овозможува материјална транзиција. Без дијагноза, нема осигурување. Без осигурување, нема хормони. Без хормони, нема транзиција — или има, но само за оние што можат приватно да платат. Тоа значи дека анти-медикалистичката позиција, артикулирана од queer теоретска основа, de facto може да биде класно ексклузивна.
Тоа не е разлика во акцент. Тоа е судир на политички праксиси кои произлегуваат од различни теоретски основи. Queer теоријата има добра причина да го критикува медицинскиот gatekeeping. Trans теоријата има добра причина да го брани медицинскиот пристап. И овие две причини, во конкретни институционални моменти, се мобилизираат против истата реформа. Тоа е расцеп — не зашто полињата „не разговараат“, туку зашто полињата произведуваат различни препораки за иста ситуација.
Уште еден пример: статусот на категоријата „non-binary“. За queer теоретска основа, „non-binary“ е логичен израз на анти-нормативната позиција — одбивање на бинарноста како таква, не премин од една половина на бинарноста во друга. За некои trans теоретичари, особено tрансексуалните во класична смисла, „non-binary“ е поинаква форма на родово искуство од она на трансексуалноста и не треба да се сведе на нејзин случај. Оваа дебата ќе експлодира во 2022 година со Kadji Amin, и тоа е тема на второто движење — но коренот ѝ е тука, во расцепот од 1994–1998.
Поентата на ова поглавје е следната: расцепот не е историски артефакт што полето го „надминало“. Тој е структурен — се повторува секогаш кога queer теоретскиот апарат се применува врз trans-материјал, и секогаш кога trans теоријата мора да си го брани сопствениот теоретски простор од queer асимилација. Stryker и Prosser го артикулираат тој расцеп во две различни но соодветни форми. Stryker — преку епистемолошкото тврдење дека trans позицијата произведува специфично знаење. Prosser — преку онтолошкото тврдење дека trans-телото има материјалност што не се сведува на дискурс. Двете тврдења се компатибилни меѓу себе, но не и со догматска применета верзија на queer перформативноста.
6. 2006/2014: одложеното институционално признавање
Расцепот артикулиран од Stryker во 1994 и Prosser во 1998 институционално долго не се признава. Во периодот 1998–2006, trans студиите остануваат расфрлени низ списанија и антологии посветени претежно на queer и феминистички теми. Поединечни текстови се појавуваат во GLQ, Hypatia, Feminist Studies, Camera Obscura. Не постои централно списание, не постои канон, не постои програма по trans студии на ниту еден американски или британски универзитет. Студентите кои сакаат да се занимаваат со прашањата што ги отворил Stryker и Prosser ги пишуваат своите тези во рамки на queer студии, родови студии, женски студии — не во рамка на trans студии како посебна формација.
Промената доаѓа во 2006 година со објавувањето на The Transgender Studies Reader во издание на Routledge, уредуван од Susan Stryker и Stephen Whittle (Stryker и Whittle 2006). Читачот собира педесетина текстови — некои од нив повеќе од сто години стари (на пример, текстови на Magnus Hirschfeld) — и ги структурира како канон на ново академско поле. Уводниот есеј на Stryker, насловен „(De)Subjugated Knowledges: An Introduction to Transgender Studies“, експлицитно ја формулира програмата: trans студиите се поле кое се занимава со trans-искуствата како епистемолошки извор, а не како тематски пример внатре во други полиња. Stryker тврди дека текстовите кои го конституираат полето доаѓаат од долга, претежно подземна историја на trans-говорење за самите себе, кое сега треба да биде објавено како канон.
Transgender Studies Reader во 2006 година е институционален настан. Тој произведува поле каде претходно немало поле. Курсевите по trans студии започнуваат да се појавуваат на американски универзитети — Стенфорд, Беркли, Чикаго, Принстон. Студенти може да пишуваат тези по trans студии. Издавачи отвораат серии — Duke, Минесота, Њујорк УП. Во 2013 година се појавува Transgender Studies Reader 2, уредуван од Stryker и Aren Aizura, кој ја прошируа географски и тематски рамката.
Финалниот институционален пресврт доаѓа во 2014 година со основањето на Transgender Studies Quarterly во издание на Duke University Press, под уредништво на Susan Stryker и Paisley Currah. TSQ е првото академско списание во светот посветено исклучиво на trans студии како дисциплина. Тоа значи дека шеснаесет години по Prosser, дваесет години по Stryker, и дваесет и седум години по првичната верзија на Stone-овиот есеј, trans студиите конечно добиваат свој сопствен институционален простор.
Овие шеснаесет до дваесет години одложување не се случајни. Тие сведочат за специфична динамика на признавање во академијата: за тоа колку време треба за артикулирано прашање да добие свој институционален дом, особено кога се однесува на популации кои се медицински, правно и социјално прекаризирани. Споредено со queer студиите, кои од 1990 година до 1993 година веќе имаат свое сопствено списание (GLQ е основано 1993), серии на издавачи (Routledge, Duke), курсеви на универзитети — trans студиите институционално доцнат за повеќе од една деценија.
Тоа доцнење има теоретски последици. Поколение trans-теоретичари кое почнало да пишува меѓу 1995 и 2010 година ги пишуваше своите тези во queer академски рамки, со queer ментори, во queer списанија. Не зашто сакаа — туку зашто немаше алтернатива. Тоа значи дека голем дел од она што денес го нарекуваме „ран канон на trans студии“ е структурно вграден во queer академскиот апарат. Расцепот што Stryker го артикулирал во 1994 година продолжил да биде неинституционализиран сè до средината на втората декада на дваесет и првиот век.
Што значи 2014 година институционално? Прво, дека trans студиите конечно имаат место од каде можат да говорат за себе без посредство. Второ, дека работите кои претходно биле „случаи“ или „примери“ во queer списанија сега се теоретски артикулации со свој теренски простор. Трето, дека прашањето на расцепот, кое до тогаш беше предмет на индивидуални интервенции (Stryker 1994, Prosser 1998), станува структурно прашање за полето — кое мора да го артикулира својот однос кон queer теоријата на ниво на дисциплина, не само на ниво на посебни автори.
Но 2014 година не го затвора расцепот. Напротив — таа го отвара во нова форма. Бидејќи штом trans студиите имаат свој институционален простор, прашањата кои дотогаш беа потиснувани заради коалициска солидарност можат да се артикулираат отворено. Кога TSQ во 2019 година објавува специјален број насловен „Trans Studies and the Academy“, со текстови кои директно се обраќаат на потрошокот на queer теоретскиот апарат за trans-материјал (вклучувајќи го и нашироко разгледуваниот текст на Andrea Long Chu и Emmett Harsin Drager „After Trans Studies“, TSQ 6(1), 2019), тоа е знак дека полето веќе се движи кон нов момент. Расцепот од 1994 година не е затворен — тој мутира во нови форми, под нови притисоци, со нови гласови.
7. Заклучок на првиот дел
Расцепот меѓу queer теоријата и trans студиите има специфична генеалогија. Тој не е „недоразбирање“ што може да се разреши со подобар дијалог. Не е ниту резултат на дисциплинарна борба за акредитација. Тој е структурен расцеп во основата на интервенцијата — во прашањето од каде се мисли телото и за кого се мисли. Queer теоријата го мисли телото од позиција на дестабилизација и анти-нормативност, со универзализирачка логика која сите тела ги третира како веќе перформативни. Trans теоријата, во онаа артикулација која ја следат Stone, Stryker и Prosser, инсистира на специфичност на trans-позицијата — како епистемолошки субјект (Stryker) и како место на материјална телесна работа со специфичен залог (Prosser).
Расцепот институционално се артикулира низ долг процес. Тргнува од 1987 година со Stone-овиот есеј, добива своја прва експлицитна форма во 1994 година со Stryker, фронтално се судира со queer теоријата во 1998 година со Prosser, и институционално се конституира како посебно поле меѓу 2006 и 2014 година. Овие триесет години не се „одложување“ во негативна смисла — тие се специфично време потребно за маргинализирани субјекти да изградат свои сопствени теоретски и институционални инфраструктури во академски рамки кои не им се природни сојузници.
Што се случува по 2014 година — тоа е друга приказна, и таа е тема на второто движење. Кратко, за најава: расцепот не само што не се затвора по 2014 година, туку се разгрануе во неколку различни тензии. Прво, генерациска тензија околу тоа како се мисли nonbinary идентитетот (Andrea Long Chu, On Liking Women, n+1, 2018; Females, Verso, 2019). Второ, расно-телесна критика која отвора прашање за тоа кои тела воопшто можат да бидат субјекти на trans-позицијата (C. Riley Snorton, Black on Both Sides, 2017; Marquis Bey, Black Trans Feminism, 2022). Трето, материјалистичка интервенција која се судира со целиот апарат на „gender identity“ (Kadji Amin, We Are All Nonbinary, 2022; Eric Llaveria Caselles, Frontiers in Sociology, 2025). Четврто, афективен и грижовен регистар кој го отвора прашањето за тоа што се случува по транзицијата (Hil Malatino, Trans Care, 2020; Side Affects, 2022). И петто, политичкиот момент после 2024 година, со Cass Review во Обединетото Кралство и Project 2025 во Соединетите Држави, кој го става полето пред нова двојна обврска — да брани основни права и истовремено да продолжи со критика на тие права како недоволни.
Сите овие пет линии се продолжуваат на расцепот од 1990–2014 — но во различни форми, со различни залози, под различни политички притисоци. Тие сведочат дека прашањето кое Stryker го отворила во есејот за чудовиштето сè уште не е затворено, и не може да биде затворено сè додека queer теоретскиот апарат има потреба од trans телото како свој пример, и trans теоријата мора одново да го артикулира својот сопствен епистемолошки простор.
Библиографија
Butler, Judith. Gender Trouble: Feminism and the Subversion of Identity. New York: Routledge, 1990.
Butler, Judith. Bodies That Matter: On the Discursive Limits of „Sex“. New York: Routledge, 1993.
Chu, Andrea Long, and Emmett Harsin Drager. „After Trans Studies.“ TSQ: Transgender Studies Quarterly 6, no. 1 (2019): 103–116.
de Lauretis, Teresa. „Queer Theory: Lesbian and Gay Sexualities. An Introduction.“ differences: A Journal of Feminist Cultural Studies 3, no. 2 (1991): iii–xviii.
Prosser, Jay. Second Skins: The Body Narratives of Transsexuality. New York: Columbia University Press, 1998.
Sedgwick, Eve Kosofsky. Epistemology of the Closet. Berkeley: University of California Press, 1990.
Stone, Sandy. „The Empire Strikes Back: A Posttranssexual Manifesto.“ Во Body Guards: The Cultural Politics of Gender Ambiguity, ур. Julia Epstein и Kristina Straub, 280–304. New York: Routledge, 1991. Достапно на: https://sandystone.com/empire-strikes-back.pdf
Stone, Sandy. „The Empire Strikes Back: A Posttranssexual Manifesto.“ Camera Obscura 10, no. 2 (29) (1992): 150–176. https://doi.org/10.1215/02705346-10-2_29-150
Stryker, Susan. „My Words to Victor Frankenstein Above the Village of Chamounix: Performing Transgender Rage.“ GLQ: A Journal of Lesbian and Gay Studies 1, no. 3 (1994): 237–254. https://doi.org/10.1215/10642684-1-3-237
Stryker, Susan. „More Words about ‘My Words to Victor Frankenstein’.“ GLQ: A Journal of Lesbian and Gay Studies 25, no. 1 (2019): 39–44.
Stryker, Susan, and Stephen Whittle, eds. The Transgender Studies Reader. New York: Routledge, 2006.
Stryker, Susan, and Aren Aizura, eds. The Transgender Studies Reader 2. New York: Routledge, 2013.