
Вовед
Во октомври 2018 година, Places Journal го објавува есејот Unbuilding Gender: Trans* Anarchitectures In and Beyond the Work of Gordon Matta-Clark. Текстот е изговорен претходно во истата година како предавање на UC Berkeley, по повод доделувањето на наградата Arcus/Places. Во наредните седум години, овој есеј — и неговата терминологија на „анархитектурата“ — се разработува низ серија предавања: Trans* Anarchitectures 1975 to 2020 (Harvard GSD), Unworlding (ICI Berlin, 2025), Anarchitecture After Everything (e-flux, април 2025) и гостувања на CRASSH Cambridge. Она што во 2018 година почнува како теориски обид за пренесување на еден естетски речник (на Гордон Мата-Кларк и на колективот Anarchitecture од 1973–74) врз транс-телото, до 2025 година се зацврстува во еден поврзан мисловен склоп со три средишни оски: нечитливост, отпор кон пазарот, и распаѓање на режимот на претставувањето. И самиот развој на вокабуларот (појавата на терминот несвет по 2018) укажува дека станува збор за позиција во движење, а не за завршена доктрина.
Целта на овој текст е да ја постави оваа позиција во нејзината мисловна целина — да го покаже изворот и насоката на концептуалниот пренос, неговите политички последици и неговите граматички и онтолошки амбиции — и да ја смести во однос со неколку соседни теориски точки со кои Халберстам изречно работи (Lorde, Harney и Moten, Preciado, Muñoz, Ahmed, Stryker, Crawford, Crosby, Barad). Гестот на Халберстам, како што ќе се види, не е едноставна метафора во која архитектурата се пресликува врз телото. Тоа е обид да се промени самата граматика низ која транс прашањето се мисли во теоријата: преминот од станување (becoming) кон разградување (unbuilding), и од фигура кон поле.
1. Изворниот контекст: групата Anarchitecture и Гордон Мата-Кларк
Поимот „анархитектура“ не е изворно Халберстамов, и тоа е важна методолошка точка. Тој произлегува од колективот Anarchitecture — неформална група во Менхетен, активна во 1973 и 1974 година, со учесници како Лори Андерсон, Тина Жируар, Џин Хајстин, Ричард Лендри, Ричард Нонас, Сузана Харис, Бернард Киршенбаум, и со средишна фигура Гордон Мата-Кларк (1943–1978). Како што документира Френсис Ричард во Gordon Matta-Clark: Physical Poetics, изворната Anarchitecture „не беше вид скулптура заснована на градба, ниту шега измислена од архитект-станат-уметник“, туку група, со краток век но влијателна, која се сретнуваше околу 112 Greene Street и проектот FOOD на Prince и Wooster. Покрај колективната природа, поимот на анархитектурата „во голема мерка беше дело на Мата-Кларк“.
Мата-Кларк е најпознат по серијата интервенции врз напуштени згради во 1970-тите: Splitting (1974) — расцепување на куќа на 322 Humphrey Street во Englewood, Њу Џерси; Day’s End (1975) — пробивање големи отвори во металниот магацин на Pier 52 на Хадсон; Conical Intersect (1975) — конусен отвор низ две згради на 29 rue Beaubourg во Париз. Овие интервенции не се рушења во вообичаена смисла. Во едно интервју со Лиза Бер од 1974, Мата-Кларк објаснува дека зградата за него не е платно за впишување, туку синтакса — уреден склоп што се расклопува на делови. Зградата не е површина на која се впишува нешто; таа е граматичко-материјална стварност што се разглобува.
Халберстам нагласува — и тоа е важна интелектуална чесност — дека Мата-Кларк и членовите на групата не би ја разбрале својата работа во квир или транс смисла. Гестот на Халберстам не е реконструкција на изворната намера на уметникот, туку присвојување: предизвикот што го нудат анархитектонските проекти на Мата-Кларк се прифаќа со цел современите разговори за квир и транс политика да се оддалечат од поимите на пристојност и вклученост и да се насочат кон антиполитичкиот проект — разградување на свет во кој квир и транс луѓето, заедно со бездомните и мигрантите, се прикажуваат како проблем за неолибералната држава. Присвојувањето е отворено, без прикривање..
2. Преминот: од „станување“ кон „разградување“
Средишната концептуална операција на есејот е промена на граматичкото време во кое се мисли транс прашањето. Класичните теории на премин — медицински, психијатриски, дури и одредени активистички — работат во рамка на станување: тело А (погрешно) → тело Б (исправено), со намера за стабилизирање во новата фигура. Халберстам изречно ја одбива оваа рамка. Во есејот од 2018, Халберстам го опишува овој пресврт во полето: „почнавме да размислуваме помалку за конечен премин, а повеќе за непрекината градба и разградба на телото”. Транс телото не е тело на пат кон точката Б; тоа е тело во траен процес.
Овој потег не е без претходници. Халберстам изречно се поврзува со раниот есеј на Сузан Страјкер My Words to Victor Frankenstein Above the Village of Chamounix (1994), каде транс телото е опишано како „неприродно тело… производ на медицинската наука… плот раскинат и одново зашиен во облик различен од оној во кој се родив” Страјкер ја прифаќа темнината на неприродното, склучува мир со резот и го прегрнува чудовишното. Од Страјкер кон Халберстам, движењето е од чудовишноста како прифатена состојба кон резот како начело: не транс телото како исклучок од нормата, туку резот како општа онтолошка фигура.
Поврзување се прави и со работата на Athina Angelopoulou (во посебниот број на Footprint, „Trans-Bodies/Queering Spaces“, 2017), која изречно ги мисли архитектурата и хирургијата заедно, како напоредни режими на резот; како и со Transgender Architectonics на Lucas Crawford, кој иако ја почнува расправата со напнатоста меѓу архитектурата (цврста) и транс телата (во промена), завршува со заклучок дека преобразбата е токму смислата на анархитектурата.
Резот тука не е едноставна метафора. Тоа е дејство што се изведува напоредно на два регистра — врз зградата и врз телото — со ист логички статус: дејство на расклопување, на отворање, на одбивање затворање. Расцепувањето на куќата на Humphrey Street, како што пишува Ерик Алиез чие читање Халберстам го прифаќа, „ја одделува архитектонската кутија од самата себе — синоним за целосно, разорно и бесмислено расклопување на просторот “. Кога овој речник ќе се пренесе врз телото, се добива тело што не е „неуспешно во преминот“ туку темелно несвршено, и тоа не како проблем туку како позиција.
3. Трите тези: разработка на аргументот
Низ сите изданија на текстот — есејот од 2018 и описите на предавањата од 2024–2025 — се повторуваат три тези. Тие дејствуваат заедно и не можат лесно да се одделат.
3.1. Тезата за нечитливоста
Првата теза тврди дека транс телата не треба да бараат читливост во рамки на бинарниот родов поредок. Постапката е едноставна но крајна: бинарноста е поредокот на исклучувањето кон кој транс телото е, по дефиниција, надворешно. Да се бара признавање низ тој поредок значи да се прифати самата градба што го произведува исклучувањето. Според верзијата од e-flux 2025: ако транс телата го прекршуваат бинарниот род, тогаш тие не можат да бараат да станат „вистински“ преку истата таа бинарност. Напротив, тие ја разградуваат бинарноста и ја расклопуваат самата верзија на „транс” што бинарниот поредок ја произведува..
Последицата е двојна. Прво, се одбива моделот на читливост-како-цел: транс политиката не треба да биде политика на „да станам видлив како нешто“. Второ — и тоа е помалку коментирано — се одбива и самата „верзија на транс што бинарноста ја произведува“. Со други зборови: дури и кога бинарноста дозволува „транс“ катаегорија, таа катаегорија е производ на истиот тој поредок и ги носи неговите белези. Анархитектонското транс не е „транс како што бинарноста го дозволува“, туку транс како разградба на бинарноста.
Тука Халберстам прикриено полемизира со либералните политики на признавање. Тие се градат врз претпоставката дека субјектот треба да биде читлив за установата (правна, медицинска, општествена) за да добие признание. Транс анархитектурата не сака признание од „легислативата“ што го произвела исклучувањето; таа сака разградба на самата градба.
3.2. Тезата за отпорот кон пазарот
Втората теза ја врзува транс политиката за критиката на капитализмот, и тоа е оска што во 2018 година е изведена, а во 2025 година е зацврстена како темелна. Според формулацијата од 2025: бидејќи анархитектурата нуди верзија на „трансност“ која не сака да стане ново возило за капиталот, таа нуди отстапка во однос на постапката низ која еднаш исклучените групи стануваат нови пазари. Наместо да стане нов извор за неолиберален маркетинг, разградувањето на телото се отвора кон критика на капиталот, недвижниот имот и стварностите што ги поддржуваат.
Овој аргумент има два дела. Првиот е одречен: предупредување против претворањето на трансноста во „ново возило за капиталот“, нова категорија за корпорациско брендирање, нов сегмент на фармацевтскиот и козметичкиот пазар, нов слој на потрошувачка. Тоа е постапка веќе видена во вклучувањето на геј-идентитетот во неолибералната економија — она што Лиза Дугган го нарекува хомонормативизам — и Халберстам не предупредува дека истата постапка тече и со транс-идентитетот.
Вториот дел е потврден: анархитектонската позиција го отвора прашањето на капиталот, недвижниот имот и просторната политика во самото средиште на родовата теорија. Во есејот од 2018 ова е ексшлицитно: анархитектурата е анар-хивот на сè што е изоставено, што никогаш не постоело на почетокот, што е напуштено по патот кон шпекулативните зделки со недвижности и кон обезбедувањето на белите населби. Анархитектурата работи со „предметот за уништување“ (како што го одредува Памела М. Ли) — таа ја врамува напуштеноста и ги зачувува просторите што пазарот ги одбил во немилосрдната потрага по облагородување. Транс политиката тука не е одделена од прашањата на облагородување, бездомништво, расна поделба; таа е градбено поврзана со нив, преку заедничкиот предмет — телата што неолибералниот простор ги исфрла или ги затвора.
Заклучокот на есејот од 2018 е реторички жесток: живееме во идеолошки надуван замок во кој неколку големи бели Американци поскокнуваат од радост, а на секое скокање губиме сè повеќе луѓе по работ на гротескната градба што имплодира. Време е тој замок да се сруши, со или без господаровите алатки.
Тука Халберстам го впрегнува познатиот афоризам на Одри Лорд од 1979 — „алатките на господарот никогаш нема да ја расклопат куќата на господарот”— но со посебно толкување. Тој смета дека во дотогашното читање на изреката, нагласокот пресилно паѓал на алатките (кои треба да се отфрлат); вистинскиот залог е куќата: колку повеќе се сосредоточуваме на кои алатки да се користат, толку помала е веројатноста дека куќата некогаш ќе падне. Во основа — со сите можни средства — господаровата куќа и сите споменици и градби што таа ги воспоставува и овластува, и сите што зависат од неа, мора да паднат.
3.3. Тезата за несветот
Третата теза е најамбициозна и поимно најнова. Во есејот од 2018 таа е присутна во сродна форма, но без терминот несвет (unworld); во 2025 година поимот станува средишен. Според верзијата од e-flux: транс телата, како зградите што Мата-Кларк ги отворал, претставуваат несвет во кој системите на претставувањето можат да се распаднат и навистина се распаѓаат. Транс телото што може да се ѕирне низ анархитектонските обиди на Мата-Кларк не е фигура туку поле, не е тело туку предел, не е зграда туку рушевина.
Тука Халберстам прикриено работи со темелна онтолошка постапка: одбивање на самата граматика на „да се биде нешто“. Антиидентитарната оска што Халберстам ја носи од порано (особено од The Queer Art of Failure, 2011) тука се преведува во просторно-сликовен регистар: транс позицијата не е „идентитет различен од нормата“, туку одбивање на режимот низ кој идентитетите се произведуваат како фигури.
Поимот несвет добива дополнителна тежина. Тоа не е антисвет (спротивност), ниту друг свет (заменка). Тоа е распадниот свет, светот во состојба на пукање, светот низ кој може да се види дека системите на претставувањето можат да се распаднат и навистина се распаѓаат. Транс телото е прозорец кон таа состојба — не како симптом, туку како место.
4. Соседства: Lorde, Harney и Moten, Muñoz, Preciado, Ahmed, Barad
Аргументот на Халберстам не работи во теориска осаменост. Тој се сплотува како цврста мрежа на сојузништва.
Audre Lorde го дава реторичкото средиште: расистичкиот патријархален поредок е архитектонска градба („куќа“) што не може да се разрушува со сопствените алатки. Халберстам го прифаќа тоа, но додава: вниманието треба да биде на куќата, не на алатките.
Stefano Harney и Fred Moten во The Undercommons (2013) ја даваат укинувачката напоредност. Мисла на Мотен што Халберстам ја пренесува: единственото нешто што можеме да го направиме е да го срушиме сето ова до темел и да изградиме нешто ново. Анархитектонската метафора кај Мотен — break, cut, fugitive enlightenment — се совпаѓа со анархитектонската метафора кај Халберстам по својата градба. Undercommons не е простор; тоа е рез, а постоењето во undercommons значи „посветеност на разградувањето на светот каков што го знаеме“.
José Esteban Muñoz во Cruising Utopia (2009) ја дава футуристичката оска. Квир иднината не се постигнува низ овдешноста; таа може да се ѕирне само низ „скокови во бездната“. Анархитектонскиот рез на Мата-Кларк е, во овој регистар, токму таквата бездна — отвор низ кој може да се види „тогаш и таму на квир иднината“. Бездната не е чисто празно место; таа е празно место од кое се гледа поинаков режим на временост..
Paul B. Preciado во Pornotopia (2014) и Counter-Sexual Manifesto ја дава биополитичко-просторната рамка. Архитектурата е технологија на родот — Плејбој-куќата на Хефнер како просторна машина за производство на хетеронормативната мажественост. Преобразбата што Преcијадо ја носи — телото како „контрасексуално“, претходно проширено — е паралела на телото-како-анархитектура: и двете го одбиваат „природното“ и „природно изградениот“ облик.
Sara Ahmed во „Queer Phenomenology“ дава просторно-појавна верзија на истиот аргумент. Хетеронормативноста „ги насочува предметите за да го расчисти просторот“, за да создаде заднина за хетеронормативното дејство. Анархитектурата го прави обратното: ја прави видлива заднината како заднина, го открива тоа што е расчистено, го искажува отсуството како отсуство.
Karen Barad дава онтолошко-материјална рамка. Резот не е разделба-без-врска; тоа е cutting together-apart, рез што истовремено одвојува и врзува. Празното, во регистар на Барад, не е празнина: тоа е „поле на диви дејствувања“. Анархитектонската празнина — резот низ ѕидот, отворот во подот — не е отсуство, туку поле со јачина.
Овие соседства не се исцрпни (Халберстам изречно работи и со Stryker, Crawford, Crosby во делот за неспособност, со Hayward), но тие ја покажуваат градбата на мрежата: анархитектонската позиција е пресек на квир, укинувачка, биополитичка, појавна и нова материјалистичка теорија. Тоа не е осамена изјава, туку склопувачки гест.
5. Уметничкиот корпус: Cassils, Yve Laris Cohen, boychild
Есејот не е чисто теориски. Халберстам го разработува аргументот низ толкување на три современи транс-уметнички практики.
Cassils, во Becoming an Image (2013), удира огромен блок глина пред публика во затемнета просторија. Гледачите ја „гледаат“ претставата само низ блесоци на блицот. Тоа е буквално анархитектонски гест: телото и материјалот заемно се разградуваат, а самата претстава постои само како отсуство (тоа што е уништено) плус расцепкано присуство (фотографијата).
Yve Laris Cohen, во Coda (2012) и al Coda (2014), го пишува „transsexual“ во материјалната листа на делото: „пружински под, танцувачки transsexual“. Тоа е истовремено самопредметување и одбивање на опредметувачкиот поглед. Во al Coda, Cohen го врежува зборот „transsexual“ во плоча од ѕид на зградата на Marcel Breuer во Whitney Museum и ја преместува плочата на друго место — буквална анархитектонска интервенција врз установата што го произведува уметничкиот режим.
boychild работи со lip-sync претстави што мешаат буто-кореографија, драг и постапокалиптична сликовност. Тие „не градат“ во смисла на потврда на идентитет; тие разградуваат самиот режим на драг (кој обично е „облекување“) преку одбивање — се појавуваат „голи но двосмислени“, во движења што не разјаснуваат дали телото се распаѓа или се раѓа.
Овие три практики не се едноставно прилог-сликички на тезата. Тие се самиот аргумент: тие покажуваат дека анархитектонската позиција веќе работи во современата транс уметност, и дека Халберстам нуди критички јазик за нешто што веќе постои како пракса.
6. Критички насоки
Без да го изведам самиот критички потег, неколку прашања остануваат отворени.
Природата на преносот. Каков е статусот на преносот од зграда кон тело? Халберстам отворено одбива дека станува збор за обична аналогија (резот во куќата ≠ резот во хирургијата за родова потврда); но тогаш каков е тој пренос? Дали тоа е структурна сличност (исти логички постапки во различни регистри), позајмица на речник (нов јазик за стара работа), или заедничка онтолошка градба (зградите и телата буквално споделуваат форма на разградливост)? Текстот работи со трите истовремено, што е плодно, но не без напнатост.
Естетизација на ризичното. Постои опасност што критичарите како José Vai Gamo и други ја имаат поставено пред голем дел на квир теоријата: возвишувањето на „распаѓањето“, „распадот“, „бездната“ работи како теориски гест од положба на сигурност, додека самите состојби (бездомништво, медицинска опасност, неспособност) ги преживуваат конкретни тела во конкретни простори. Халберстам изречно работи со ова прашање (особено преку Christina Crosby), но прашањето не е затворено.
Положба на изворот. Мата-Кларк е цис-маж, уметник од 1970-тите кој, како што самиот Халберстам признава, не би ја сметал својата работа за квир или транс. Прашањето тука не е дали присвојувањето е „позајмување” — секое теориско присвојување е тоа. Прашањето е поспецифично: што значи кога транс теоретичарот зема како основа на својата позиција речник развиен од цис-машки авангарден уметник? Дали тоа е расклопување на монополот на тој канон врз радикалните естетски речници, или негово потврдување — бидејќи и понатаму изворот на радикалноста се лоцира во цис-машкиот авангарден гест? Халберстам е свесен за оваа сложеност и експлицитно го одбива моделот на „реконструкција на изворната намера” во корист на присвојувањето како свесен критички потег. Сепак, прашањето за политичките последици на самиот избор на изворот останува отворено.
Антиполитика наспроти политика. Анархитектонската насока кај Халберстам експлицитно се определува како антиполитичка — но тоа не значи аполитичка. Терминот означува одвојување од специфично разбирање на политичкото поле: она на правата, признанието, инклузијата и реформите. Сепак, проектот е длабоко политички во друг регистар. Тој е експлицитно антикапиталистички (критиката на „real-estate capitalism”), аболиционистички (преку Harney и Moten), и антинеолиберален (предупредувањето против претворањето на транс-идентитетот во ново возило за капиталот). Прашањето тогаш не е дали анархитектонската позиција има политички импликации — таа очигледно ги има — туку дали тие импликации можат да се преведат во конкретна пракса, или остануваат на ниво на критичка фигура и естетска ориентација. Самиот Халберстам не го артикулира експлицитно тој превод, и прашањето останува отворено.
Заклучок
Анархитектурата кај Халберстам функционира како мисловна фигура за искажување на транс позиција која истовремено е: спознајно нечитлива во рамки на бинарниот родов поредок; спознајно нечитлива во рамки на бинарниот родов поредок; неприсвоена од пазарот во неолибералната постапка на нови пазари; одбива да биде „фигура“. Преносот од Мата-Кларк не е украс по аналогија, туку обид да се промени самиот граматички облик низ кој транс прашањето се мисли во теоријата: од станување кон разградување, од фигура кон поле, од идентитет кон рез.
Развојот на концептуалниот апарат од Unbuilding Gender (2018) кон Anarchitecture After Everything (2025) — особено воведувањето на поимот несвет — покажува дека станува збор за позиција во процес на зацврстување, не за завршена доктрина. Тоа е и една од нејзините предности и една од нејзините опасности: предност, бидејќи позицијата останува отворена за надградба и за разговор; опасност, бидејќи фигурата на „непрекинатото разградување“ може да биде препрочитана како програмска есенцијализација на непостојаноста.
Останува, како отворено прашање, дали анархитектонската фигура може да биде метод — нешто што се применува врз други предмети — или таа работи само како позиција, посебен квир-транс дискурс. Самиот Халберстам, во прилог на првото читање, ја применува низ повеќе регистри (родова теорија, расна теорија преку Harney и Moten, неспособност преку Crosby, облагородување и недвижности). Тоа упатува дека анархитектурата не е само поимовник за транс прашањето, туку толковен инструмент што може да се впрегне насекаде каде што се поставува прашањето: како да се напушти градежниот начин на мислење?
Примарни извори:
Halberstam, J. (2018). Unbuilding Gender: Trans* Anarchitectures In and Beyond the Work of Gordon Matta-Clark. Places Journal. https://doi.org/10.22269/181003
Halberstam, J. (forthcoming 2026). Anarchitecture After Everything. MIT Press. https://mitpress.mit.edu/9780262052429/anarchitecture-after-everything/
Halberstam, J. (forthcoming). Unworlding: An Aesthetics of Collapse. (Втор дел на проектот за wildness.)
Сродни предавања :
Unbuilding Gender — Berkeley Arts + Design, 3 октомври 2018 (изворно предавање за Arcus/Places наградата). https://placesjournal.org/news/2018-arcus-places-prize-lecture/
Trans* Anarchitectures 1975 to 2020 — Harvard GSD, 7 март 2024. https://www.gsd.harvard.edu/event/jack-halberstam-trans-anarchitectures-1975-to-2020/
Anarchitecture After Everything — EGS, 5 февруари 2025. https://pact.egs.edu/lecture/jack-halberstam-anarchitecture-after-everything/
Anarchitecture After Everything — e-flux, Brooklyn, 3 април 2025. https://www.e-flux.com/events/659999/jack-halberstam-anarchitecture-after-everything
Anarchitecture After Everything — CRASSH Cambridge Annual Lecture, 9 мај 2025. https://www.crassh.cam.ac.uk/events/45684/ (YouTube видео достапно)
Unworlding: Trans* Anarchitectures — ICI Berlin, мај 2025. https://www.ici-berlin.org/events/jack-halberstam-unworlding/
Дополнителни ресурси:
Lovric, A. (2025, July). Interview with Jack Halberstam. Berlin Art Link. https://www.berlinartlink.com/2025/07/29/jack-halberstam-anarchitecture-after-everything-interview/